На денешен ден, 22 декември 1908 година, пред 114 години во Велес е роден Кочо Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература.

На годишнината од раѓањето на Коста Солев Рацин, пред спомен бистата во дворот на Гимназијата што го носи неговото име, во Велес денеска букети свежо цвеќе положија делегации од општинската администрација од Советот на Општина Велес како и претставници на средното училиште Гимназија „Кочо Рачин“ чиј патрон се одбележува на денешен ден.

Почит на безвремениот Рацин делегациите му оддадоа и пред спомен бистата во центарот на Велес како и во Спомен костурницата од НОВ каде меѓу стотината борци се наоѓаат и посмртните останки на Коста Солев Рацин.

Познат е по својата поезија и е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата стихозбирка „Бели Мугри“ која е издадена во Загреб во 1939 година, претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија.

Истата е најпреведувана македонска стихозбирка и издадена на сите светски јазици и на јазиците во многу други земји.

Велешките ученици во сите години наназад и сè уште напамет ја учат целата стихозбурка „Бели Мугри“ а некои од најпознатите песни како „Денови“ „Ленка“ „Тутуноберачите“ и „Копачите“ во наставата по македонски јазик ги учат напамет и анализираат нивните социјално – револуционерни пораки и сите основци и средношколци во земјава.

Загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница, Кичевско, на 13 јуни 1943 година.