Ова е досега најголем број на кандидатури поднесени за локални избори во главниот град. Актуелниот градоначалник Петре Шилегов, кој на претходните избори победи во првиот круг, повторно ќе има поддршка од ДУИ, како и од ДПА и Беса. Но, овојпат гласовите на Албанците се расцепкани, затоа што опозициската Алијанса за Албанците најави поддршка за Данела Арсовска, кандидатката што ја поддржува и ВМРО-ДПМНЕ. Бени Шаќири е кандидиран од ЛДП и ДОМ, Александар Тортевски од Твоја партија, Петар Георгиевски од Левица, Ана Петровска од каолицијата „Зелен хуман град“. Свои кандидати ќе имаат и Бошњачкиот демократски сојуз, ТМРО, Демократи, Интегра, Родина и Титови леви сили.
За Центар се кандидирани 7 лица за градоначалник, и 10 советнички листи. СДСМ во оваа општина одат со Горан Герасимовски, а ВМРО-ДПМНЕ со Наташа Котлар од Глас за Македонија. ЛДП-ДОМ го кандидираат Антони Новотни.
Во Карпош ќе се бира меѓу 6 кандидати за градоначалник и 10 советнички листи. Од поголемите партии ќе се соочат Душко Весковски од СДСМ, Оливер Зафировски од ВМРО ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Дарко Ристовски од Левица и Христа Најданов од ЛДП и ДОМ.
Со сегашните градоначалници СДСМ и на овие избори ќе оди во Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров и повеќе мали општини. ВМРО ДПМНЕ, пак, нуди нов кандидат за Аеродром, пратеникот Тимчо Муцунски, кој ќе му се спротистави на Александар Филиповски од СДСМ.
Откако општинските изборни комисии официјално ќе ги потврдат сите кандидатури, тие ги доставуват листите до ДИК за да биде извршено жребување за нивниот редослед, што треба да се одржи најдоцна до 23 септември.