Кремљ му одговори на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, откако тој рече дека не е сигурен оти Владимир Путин е жив.
Јасно е дека Русија и Путин се голем проблем за Украина и за Зеленски и јасно е дека господинот Зеленски, чисто психолошки, повеќе би сакал ни Русија ни Путин да не постојат, рече портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Инаку, Зеленски за време на денешното видеообраќање на Светскиот економски форум во Давос рече дека не е „сосема сигурен“ дека рускиот претседател Владимир Путин е жив и дека носи одлуки во Русија.
Јас навистина не разбирам со кого да разговарам и за што да разговарам. Не сум сигурен дека претседателот на Русија, кој понекогаш се појавува со помош на техниката „хрома ки“, е навистина тој, рече Зеленски, коментирајќи ја можноста за мировни преговори меѓу Киев и Москва.
„Хрома ки“ е техника за визуелни ефекти што се користи за да се измени позадината зад лицето на снимката.
Како што пренесува „Киев Индипендент“, има луѓе кои веруваат дека Путин го користи за време на телевизиските настапи за да изгледа дека е на одреден настан, додека всушност е на безбедно место.
Зеленски рече дека Украина направила се што може по дипломатски пат да ги ослободи своите територии, но дека тоа не успеало.
Мировните преговори сè уште не се мир, рече Зеленски.