18 години без Тоше Проески: Маратон во негова чест

Денеска Македонија и целиот Балкан се потсетуваат на Тоше Проески – големата музичка ѕвезда која пред точно 18 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб. Во негова чест, традиционално се одржува маратон од Нова Градишка до Крушево, кој оваа година се трча по 18-ти пат. Маратонците го започнаа своето емотивно патување пред спомен-обележјето на Тоше. Денеска, на денот на неговото заминување, ќе пристигнат на неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево.

Симбол на љубов и хуманост

Организаторите велат дека маратонот не е само спортски настан, туку духовно и емотивно патување исполнето со љубов, почит и благодарност кон Тоше. Човекот со својата музика, добрина и хуманост остави траен белег на генерации низ целиот регион. Крушево, градот на неговото детство и вечен дом, веќе се подготвува за одбележувањето на неговиот роденден. Тогаш, на 25 јануари ќе се навршат 39 години од неговото раѓање.

Легендата што не згасна

Животот на Тоше згасна во 2007 година, токму кога ја славеше десеттата година од својата музичка кариера, која веќе добиваше меѓународно признание. Неговиот последен англиски албум „The Hardest Thing“ беше издаден постхумно, како симбол на недовршениот сон за светска сцена.
Роден на 25 јануари 1981 година, Тоше го покажа својот талент уште како дете на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година. Кариерата ја започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година, настапувајќи потоа на најголемите фестивали во регионот. Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул, а истата година беше именуван за амбасадор на УНИЦЕФ.

Во текот на својата кариера издаде седум албуми, повеќето и на српски и хрватски јазик. Последниот, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред трагедијата, а неговиот последен концерт – хуманитарен, посветен на подобрување на условите во образованието – се одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје.