Не дај боже да ви дојде војна, па да нема кој да ви помогне, му одговори Зеленски на Радев, кој го одби за муниција. На денешната заедничка пресконференција при посетата на Зеленски во Софија беше потпишана декларација за воена поддршка од Бугарија за Украина. Но, Радев вели дека нема да се користат резервите на бугарската армија:

– Оваа декларација е важен чекор во развојот на нашите односи, но јас не прифаќам предавање муниција, особено од резервите на бугарската армија. Јас како претседател, како и вие, имам заложба дека одбранбените капацитети на Бугарија не треба да се намалуваат бидејќи безбедносното опкружување е алармантно и во нашиот регион, за сите нас е уште посериозно што конфликтот се шири и добива нови димензии – истакна и Радев и додаде дека непријателствата стануваат сè пожестоки, а сè повеќе луѓе умираат, вклучително и Бугари од заедницата во Украина.

Зеленски одговори:

– Господинот претседател рече дека не поддржува да ни се даде муниција за да не ослабне вашата армија или да не го поддржувате зајакнувањето на Украина. Вашата армија, што и да имате, нема да биде доволна да се борите ако Русија дојде овде… Ваше право е да не поддржувате помош за Украина. Добро е да им давате на луѓето за да се бранат да не ви дојде војната. Не дај боже да стане трагедија и да ви дојде војната, што ќе правите тогаш ако никој не ви помогне?

Украинскиот претседател реагираше и на тоа што Радев за војната во Украина го искористи зборот конфликт.

– Ова не е конфликт, туку војна, војна за уништување на Украина, да се убиваат Украинци, а не други земји и фала му на бога – рече Зеленски.