На никого не му е до спорт денеска во Белград и цела Србија, но Партизан вечерва мора да го одигра четвртиот натпревар од серијата против Реал Мадрид, пренесе Спортклуб.

Тамошните медиуми објавуваат дека се подготвува најтажна кореографија со која треба да им се оддаде почит на деветтемина настрадани во вчерашниот масакр во основно училиште во Белград. Навивачите на Партизан се познати по одличната атмосфера која ја прават, но има работи кои се поважни од спортот и сега треба тоа да се покаже.

Идејата е секој што ќе влезе во белградската Арена да купи по еден цвет кој потоа би се положил на паркетот, пред почетокот на натпреварот. Нема да се пушта музика преку разглас и единствена песна ќе биде таа од навивачите на домашниот тим.

Кошаркарскиот клуб Партизан објави дека ќе им оддаде почит на настраданите попладнево, од 18 часот пред белградската Арена и кај споменикот на кошарката на Калемегдан каде навивачите кои немаат билети повторно ќе можат да го следат натпреварот на голем екран.