Граѓани во Албанија дваесетти ден по ред протестираа против премиерот Еди Рама, барајќи негова оставка. Демонстрантите, како и секој ден, во 19 часот се собраа на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, а потоа маршираа кон зградата на владата, скандирајќи „Рама во затвор, Бериша во затвор“, каде што беа одржани говори.

Протестот продолжи со маршеви низ главните улици на албанската престолнина до полноќ. Ден претходно, граѓаните најпрво маршираа кон Парламентот, каде што се гласаше за дневниот ред, а потоа се упатија кон кабинетот на премиерот.

Протестите почнаа поради противењето на проектите за развој на туризмот во заштитените подрачја Сазан и Звернец, но со текот на деновите прераснаа во пошироки барања за транспарентност, институционална одговорност и спротивставување на политиките на владата на Рама. Организаторите најавија дека ќе продолжат секој ден од 19 часот, сè додека не бидат исполнети нивните барања, меѓу кои е и укинување на законите што, според нив, се поврзани со животната средина, природата и заштитените подрачја.

Рама, пак, продолжува да го брани контроверзниот проект за изградба на луксузен ресорт вреден 4 милијарди долари, што го планира зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тој тврди дека зад неделите жестоки антивладини протести стојат ирански хакери.

Зборувајќи на конференција во Рим во четврток, Рама потврди дека крајбрежното земјиште за проектот е купено од инвеститорите и дека во тек е проценка на влијанието врз животната средина. Тој нагласи дека проектот сè уште не е одобрен, а самиот остров останува јавна сопственост.

„Нема ништо што треба да го загрижува ниту еден екологист. Птиците, водите, дрвјата и сè ќе биде многу подобро отколку што е денес. Проектот има за цел да има нето позитивна вредност: 25 проценти повеќе зеленило отколку што е денес“, рече Рама.

Според албанскиот премиер, голем дел од јавното негодување за проектот било поттикнато и засилено од хакери од Техеран. Иран подолго време ја критикува Албанија затоа што е домаќин на илјадници членови на Муџахедин-е Халк, иранско опозициско движење во егзил.

„Имаме само еден непријател, а тоа е република Иран на Хомеини“, рече Рама, тврдејќи дека Техеран во последните три години водел „немилосрден кибернапад против Албанија“ и дека сега „влегол во играта“ на протестите против одморалиштата.

Прашањето за туристичките проекти во Сазан и Звернец го следат и меѓународни медиуми, додека еколошките групи и организациите на граѓанското општество предупредуваат на можните последици врз заштитените подрачја и на недостигот на транспарентност во процедурите за развој на проектот.

Планот за градба во заштитените подрачја на островот Сазан и Вјоса-Нарта, поддржан од Џаред Кушнер и ќерката на американскиот претседател Иванка Трамп, предвидува изградба на луксузно одморалиште на единствениот остров во Албанија, Сазан, како и развој на крајбрежна област во близина на заштитено подрачје каде што се гнездат многу загрозени птичји видови, познато како дом на фламингото.