„Чагатај кабло“ отвора нов објект во ТИРЗ Бунарџик

Турската компанија „Чагатај кабло“ денес официјално ќе го постави камен-темелникот за нов објект во Технолошко-индустриската развојна зона „Бунарџик“. Станува збор за проширување на нивното досегашно присуство во земјава. Инвестицијата е вредна шест милиони евра и најавени се 200 нови работни места.

Оваа информација ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека ова е само почеток на нов инвестициски циклус што следи.

„Имаме инвестициски процес во периодот што следи“, истакна тој, додавајќи дека „Чагатај кабло“, која веќе има свои активности во земјава, ќе го прошири асортиманот преку новиот производствен погон.

Следна недела камен-темелник за ветерен парк во Штип

Премиерот информираше и дека на 16 јули ќе биде поставен камен-темелникот на ветерниот парк во Штип, инвестиција што ќе ја реализира турската компанија „Алказар енерџи“. Паралелно, по завршувањето на летните одмори, најавена е и средба со менаџментот на „Казанџи груп“, со цел да се утврдат следните чекори по неодамнешното потпишување на Меморандум за соработка.

Турските инвеститори сè поактивни во Македонија

Турските компании сè поинтензивно ја прошират својата деловна активност во Македонија, а најновата инвестиција на „Чагатај кабло“ е уште еден показател за довербата во локалната бизнис-клима и потенцијалот на индустриските зони.