205 милиони евра за нови болници во Штип и Кичево, а проширување на постојната во Тетово 

Министерството за здравство ќе инвестира 205 милиони евра за нови болници во изградба и модернизација на здравствени установи низ државата, објави министерот Азир Алиу во видео обраќање. Тој порача дека здравството не е само систем, туку морално ветување на државата кон секој граѓанин. Оваа инвестиција, според него, е првиот голем чекор кон реализација на визијата за современо и хумано здравство.

Штип добива клиника и Медицински факултет, нова болница и во Кичево

Министерот Алиу најави дека во Штип ќе се гради модерна клиничка установа, заедно со нов Факултет за медицина. Во Тетово, пак, болницата ќе биде проширена со два нови објекти и ќе добие современа медицинска опрема. Во Кичево ќе се гради сосема нова болница, со што конечно ќе се реализира едно ветување старо со децении.

Алиу порача дека ова е само почеток и дека хоризонтот на неговата визија е многу поширок. Целта, според него, е изградба на модерно, хумано и дигитализирано здравство што ќе инспирира доверба, а не страв. – Заедно со вас, ќе ја направиме оваа визија реалност – порача Алиу.