22-годишното момче од Битола кое денеска е впишано во црната статистика на Ковид-19 не било вакцинирано и имало прекумерна тежина, информираат од Министерството за здравство. Од таму потврдуваат дека единствено како коморбидитет е забележано само обезитас. Од позитивниот тест и потврдата дека е заразен од вирусот до денот кога починал поминале само шест дена.

„Пациентот бил лекуван во КБ Битола, позитивен на Ковид-19 од 09.10.2021. Прв пат се јавил на преглед на 10.10.2021 на Инфективното одделение во Битолската болница, според лекарскиот извештај, пациентот бил без знаци за пневмонија, имал температура и му била препишана терапија за дома“, велат од Министерството за здравство и дополнуваат дека пациентот бил на лекарски преглед и на 11 октомври, а за следниот ден на пациентот му биле закажани контролни анализи.

„На 12.10. поради влошување на РТГ наодот и лабораториски анализи, пациентот бил хоспитализиран. Во лекарскиот извештај е наведено дека пациентот бил ставен на кислородна поддршка и му е дадена соодветна терапија. Кај пациентот дошло до прогресивно влошување на состојбата“, починал на 15.10.2021, информираат од МЗ.

Во Битола денеска се потврдени 11 нови случаи, а во моментов болеста е активна кај 197 пациенети. Од Ковид-19 досега во Битола починале 329 лица.