Дваесет и тригодишен скопјанец крадел по објекти градежни машини и алати, па ги препродавал.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил две кривични дела – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на приватен плац во населбата Радишани, насилно со обивање влегол во заклучен објект заграден со мрежа и одзел мешалка за бетон, приколки, градежни колички, алати, апарати и други предмети, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 60.000 денари и предизвикувајќи дополнителна штета на имотот од околу 5.000 денари. Одземените предмети на 20 март ги продал на фирма за откуп на отпад.
На 9 април осомничениот извршил уште една тешка кражба токму во отпадот во кој ги продал одземените предмети. Влегол преку заштитната ограда и од кругот на отпадот одзел околу 200 килограми арматура во шипки со различна должина и други предмети, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 40.000 денари. Потоа веднаш го напуштил местото, но кражбата била регистрирана од безбедносните камери поставени на објектот.
Со оглед на тоа што се работи за лице кое и претходно неколку пати е осудувано за кражби и тешки кражби, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои опасност од бегство и дека има потреба да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката, па до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.