Министерството за образование и наука доби грант од 250 илјади евра од Шпанија, средства што ќе бидат вклучени во финансиската конструкција за изградба на новите објекти на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје.

Станува збор за два објекти чие завршување подолг период останува отворено прашање, а новата поддршка треба да помогне процесот да се придвижи и да се забрзаат активностите за нивно довршување.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, информираше дека добиената финансиска поддршка ќе придонесе за побрзо започнување и завршување на проектот. Договорот за грантот денеска е потпишан со шпанскиот амбасадор Рафаел Сориано Ортиз и со вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) за целни земји, Томаш Бочек.

Јаневска упати благодарност до шпанската страна и до ЦЕБ за поддршката и соработката во унапредувањето на образовната инфраструктура. Според министерката, подобрувањето на инфраструктурата е значаен услов за обезбедување поквалитетно образование.