Навистина сум пресреќен што овој објект ја добива својата суштина, ја добива својата вистинска намена. А тоа е да биде дом за дечињата кои што тука ќе можат да ги поминуваат своето детство, еве така да кажеме, најубавите денови во својот живот. Ние како Влада, како што веќе слушнавте и од страна на претставниците на меѓународната заедница, почитуваните амбасадори, во најскоро време ќе дадеме согласност за вработување на кадар и на тој начин сето она кое што е инвестирано и направено ќе биде ставено во функција, рече денес премиерот Христијан Мицкоски на отворање на градинката „8 Април“ во Шуто Оризари.
-И она што мене посебно ме прави среќен е што повеќе нема да имаме листа на чекање овде во Општина Шуто Оризари, односно капацитетите ќе бидат целосно исполнети. Ќе можат родителите дечињата да ги остават тука, ќе имаме кадар кој што ќе се грижи за нивното детство и за периодот од денот кога тие ќе престојуваат токму во оваа градинка. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на амбасадорот на Норвешка, на Швајцарија, на сето тоа кое што го направија за оваа градинка и за да можеме ние денеска еве овдека да стоиме и да практично објавиме дека капацитетот е подготвен да ги прими нашите најмлади, најмили, тоа се дечињата. Исто така да се заблагодарам на Општина Шуто Оризари, на градоначалникот, на Советот, на советниците, на колегите од Владата кои што посветено работат за да можат овие проекти да станат реалност. Како што кажа и министерот, нашата цел е до крајот на мандатот да немаме воопшто листа на чекање низ сите општини во државата. Ако бројката беше 4.500 на почетокот од мандатот на оваа Влада, целта е на крајот на мандатот од оваа Влада да имаме нула дечиња кои што ќе бидат на листа на чекање. Мислам дека и порано тоа ќе го реализираме, но се зависи од динамиката на изградба на објектите, рече премиерот.
Тој посака среќа и што повеќе дечиња да можат да ја користат оваа градинка.
