Лице на 44-годишна возраст е осомничено за обидот за убиството врз началникот на полицијата во Струга, кој во текот на вчерашниот ден беше избоден со нож.

Според деталите од Обвинителството, додека началникот бил во својот автомобил, осомничениот го престигнал во близина на Медицинскиот центар во Струга и паркирал паралелно со него. Најпрвин започнал да му вика и да му се заканува дека ќе го убие со пиштол, обвинувајќи го началникот дека постојано испраќал полициски службеници да го следат.

Началникот излегол од возилото и меѓу нив настанала кратка физичка пресметка, по што ги раздвоиле случајни минувачи.

Потоа струшкиот началник влегол во автомобилот за да повика полиција, но во тој момент осомничениот го препаркирал возилото зад него, излегол со нож во раката и му нанел расекотина под долната вилица кон вратот, со должина од 11 и со длабочина од 5 сантиметри.

Веднаш потоа избегал од местото на настанот, по што беше приведен.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, можност да влијае врз оштетениот и сведоците, како и да го доврши обиденото кривично дело.

По преземените мерки од полициски службеници на СВР Охрид- НККР Струга во координација со Одделот за криминалистичка полиција -Сектор за општ и насилен криминал против С.Н. е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „убиство во обид“ и од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена, по што С.Н. е спроведен во КПУ Скопје, наведуваат од МВР.

Порано денеска и од ЈОРМ соопштија дека Основното јавно обвинителство Струга донело наредба за спроведување истражна постапка против лице на возраст од 44 години, поради основано сомнение дека сторило кривично дело убиство, според член 123 став 2 точка 8 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик и оти до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга доставиле предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.