35 години ВМРО-ДПМНЕ како симбол на политичка истрајност и историска мисија
Во древниот локалитет Хераклеја Линкестис кај Битола, вечерва се одржа централната свеченост по повод 35 години ВМРО-ДПМНЕ, каде премиерот и претседател на партијата, Христијан Мицкоски, упати пораки за единство, историска одговорност и нераскинливата врска со минатото.
Настанот беше проследен со изведби на изворни македонски песни, присуство на симпатизери, основачи, коалициски партнери и високи функционери, а започна со интонирање на државната химна.
Континуитет со идејата родена во 1893 година
Во обраќањето, Мицкоски подвлече дека ВМРО-ДПМНЕ е продолжение на идејата започната со ВМРО од 1893 година, преку која македонскиот народ се борел за држава, достоинство и идентитет.
„ВМРО-ДПМНЕ е легитимен и идеолошки наследник на ВМРО. Она што оваа партија ја разликува од другите е нејзината непоколеблива вера во народот, во неговите вредности и во правдата како наш најсилен стожер. И затоа овие бели и мудри глави кои денес се заедно со нас, но и многумина кои веќе не се со нас, но чие дело го паметиме, ја потврдуваат историската грамадност на оваа организација која постела, постои и ќе продолжи да постои за нашата единствена и најголема кауза – Македонија,“ рече Мицкоски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ останува глас на народот и чувар на државотворните вредности, што се темелат на борбата на илинденците, АСНОМ-ците и современите генерации.
Повик за обединување околу државотворни вредности
Обраќајќи се кон присутните, Мицкоски нагласи дека оваа годишнина не претставува само свечен момент, туку и повик на обврска.
„Со неизмерна чест и одговорност стојам пред вас на овој ден кога одбележуваме 35 години од основањето на нашата партија — нашата голема, наша вечна идеја. Идејата која не прекинува, која не паѓа, која гори во срцата на секој од нас. Нашата партија, како легитимен и идеолошки наследник на историското ВМРО од 1893 година, ги носи товарот и светлината на една борба што трае повеќе од век и половина, од првите денови на Внатрешната македонска револуционерна организација која се крена против неправдата и угнетувањето па до денес, кога ние се бориме против невидливи, но не помалку опасни непријатели – корупцијата, предавствата и уништувањето на институциите,“ порача тој.
На крајот, Мицкоски им се заблагодари на сите генерации кои придонеле во развојот на партијата, подвлекувајќи дека 35 години од форимирањето на партијата не е само политичко траење, туку и мисија што продолжува.