Бројот на заболени од дијабетес постојано се зголемува, а клучни фактори за спречување на тешките компликации се раната дијагноза, редовното следење на шеќерот во крвта, правилната терапија, здравата исхрана и редовната физичка активност. На ова беше ставен посебен акцент по повод одбележувањето на 14 Ноември, Светскиот ден на дијабетесот, кој годинава се одвива под мотото „Рана акција за дијабетес“.

„Во државата има 135.000 лица со дијабетес, од кои 4.000 се со тип 1 и речиси за 40.000 се смета дека имаат дијабетес, а немаат поставена дијагноза. Дијабетесот е хронична болест, која зазема пандемиски размери. Меѓународната федерација за дијабетес излезе со бројки дека 693 милиони луѓе во светот го имаат ова заболување. Речиси 43 отсто од лицата со дијабетес не знаат дека ја имаат оваа хронична болест. Според податоците, приближно 50 отсто од компликациите кај дијабетес тип 2 веќе се присутни при поставување на дијагнозата. Значи, се задоцнува со поставувањето на дијагноза“, изјави Ахмети.

На прес-конференцијата беше истакнато дека 800 лица на возраст до 25 години живеат со дијабетес, од кои дури 350 се деца. Директорот на Клиниката упати апел за редовни скрининзи и активно вклучување на сите сегменти од здравствениот систем во раната дијагноза, со цел навреме да се спречат оштетувањата на големите и малите крвни садови. Дијабетесот тип 2 на самиот почеток често нема видливи симптоми доколку вредностите не се екстремно високи, поради што важи за подмолен здравствен проблем.

Обезноста претставува еден од главните ризик-фактори за развивање на ова нарушување и бара навремен третман за да се спречи преминот од преддијабетес во хронична состојба. За важноста од превентивните прегледи говорат и резултатите од последниот скрининг организиран од Македонската медицинска асоцијација на студентите врз 135 граѓани. Притоа кај дури 16 отсто од тестираните лица за првпат била утврдена дијагноза за дијабетес без тие претходно да знаат за својата состојба, поради што надлежните апелираат редовно да се проверува гликемијата преку матичните лекари.

Претседателката на Здружението на ендокринологите и дијабетолозите, Миленковиќ, истакна дека подигнувањето на општата свест и превенцијата се темел за навремено започнување на третманот и олеснување на животот на пациентите.

„Многу се важни и соодветната терапија и контролата, односно самоконтрола на сите луѓе со дијабетес. Пристапноста до технологиите, кои драматично го промениле животот, особено на пациентите со тип 1 дијабетес, па и на тип 2 дијабетес, и пристапноста кон терапиите, кои не само што го лекуваат дијабетот туку ги спречуваат и компликациите, не треба да биде привилегија само на одреден број пациенти, туку на сите оние на кои им се потребни. Раната превенција, свесноста за дијабетесот, компликациите и за сè она што тој претставува во нашиот општествен и здравствен систем е начин на кој можеме да им помогнеме на сите луѓе со дијабетес да го намалат сопствениот товар од заболувањето, товарот на нивните општества, меѓутоа на тој начин ќе го намалиме и товарот на нашиот здравствен медицински систем и на целото општество“, истакна Миленковиќ.

Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека општеството мора да изгради цврст консензус околу менувањето на лошите животни навики кои директно влијаат врз појавата на болеста, пред сè во областа на исхраната и физичката неактивност.

„Светската здравствена организација вели дека без 30 минути физичка активност дневно, без елиминација на пушењето, алкохолот и без соодветна исхрана не можеме да очекуваме здравје, не можеме да очекуваме одржливост на здравствените системи. Неколкупати претходно во однос на здравјето ги пласирам идеите за забрана на, условно да кажам, продажба на брза храна во училишните згради и во просториите на училиштата, активности за воведување здрава и свежа храна во училиштата, поттикнување активности, како слоу фуд училишни градини, за младите, децата, учениците од рана возраст да се навикнуваат на таков тип на исхрана и, конечно, да се приклучиме на 110 земји кои имаат воведено данок на додаден шеќер во пијалаците. Во Македонија пијалакот „фанта“ има трипати повеќе шеќер отколку истиот пијалак во Словенија“, изјави Клековски.

Клековски нагласи дека воведувањето данок на шеќер треба да ги мотивира компаниите да ги ревидираат своите рецептури и да го намалат процентот на додаден шеќер во пијалаците. Тој додаде дека казните и забраните имаат слаб ефект доколку не се развие јавната свест, при што раното откривање мора да се поврзе со редовните систематски прегледи на работоспособното население преку соработка со Министерството за економија и измени во Законот за медицинската евиденција.

„Мора да зборуваме и за личната одговорност. Не може, од една страна, да очекуваме да живееме нездраво, од друга, да бараме одговорност од државата да ги неутрализира тие нездрави начини на живеење. Значи, мораме да говориме за ова колку и да е непопуларно. Не може државата да преземе обврска за демографија што старее нездраво, а истовремено нема кој да придонесува на приходната страна. Секој треба да биде свесен за ризикот“, додаде Клековски.