Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски ексклузивно за 360 степени ја откри содржината на УСБ-ињата на Груевски.

Клучно, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, е тоа што предложените измени на Кривичниот законик во документот од три страници (од уесбето) кореспондираат со она што го предложи Владата, а експресно го усвои Собранието

Прашан како јавноста да верува дека ова што го тврди е точно и автентично кога секој може да земе уесбе и да состави одреден текст во „ворд“ (што е содржината на уесбето), Николоски рече дека на уредот има јасна трага кој е креатор.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, сподели материјали за кои тврди дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и уште едно лице.  Притоа, Николоски покажа уесбе, за кое тврди дека е она што деновиве го спомнуваше лидерот на неговата партија, Христијан Мицкоски, а со „360 степени“ сподели и три испечатени страници А4-формат за кои вели дека се содржината од уесбето.

Споделениот материјали може да го прочитате или преземете на следниот линк.

Според Николоски, тоа се докази дека веќе подолго време поранешниот претседател на партијата Никола Груевски е дел од сценарио за ослабување на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние спомнавме дека имаме докази за таа работа. Јас, еве – ќе ги извадам вечерва во интервјуто. Ова е тоа фамозно уесбе-стикче на коешто ги има измените. А, измените ќе Ви ги оставам. Ако ги прочитате измените на Кривичниот законик, коишто се доставувани минатата година…

– Ова за што зборувате е содржина од уесбето?

Да. Значи, овие измени се доставувани до Али Ахмети, Талат Џафери и трета адреса.

– Од кого?

Од страна на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ“,

кажа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во понатамошниот дел од интервјуто, Николоски прочита дел од она што го пишува на трите страници кои ги сподели со нашата редакција, а ние ги споделуваме со читателите. Таму, меѓу другото, пишува дека носењето на измените на Кривичниот законик ќе ја релаксирало напнатоста во општеството како резултат на политичкиот прогон, како образложение зошто се предлага намалување на казните. Клучно, според Николоски, е тоа што предложените измени во документот од три страници (од уесбето) кореспондираат со она што го предложи Владата, а експресно го усвои Собранието.

Но, како јавноста да биде уверена дека тие три листа хартија и уесбето се од Никола Груевски?

360°: Логичното прашање што се наметнува е како да Ви веруваме дека ова е автенично и точно? Бидејќи секој може да земе уесбе од некаде. Ова е текст работен во „ворд“, така? Може да биде составен на кој било компјутер. Како да Ви веруваме дека ова е автентично?

Николоски: Видете, прво ако одиме форензички, ако сакате на тој начин да ги гледаме работите, на ова уесбе има јасна трага кој е креатор на текстот. Оние кои се поупатени во компјутерите знаат како се остава трага и таа трага е оставена на ова уесбе.

360°: Може ли јас мојот компјутер да го крстам Никола Груевски?

Николоски: Не може. Има „ај-пи“ (IP) адреси, не се прави тоа така. Тоа е едното. Второто, самото тоа што овој текст, а ние овој текст го имавме пред да се случат измените на Кривичниот законик, речиси целосно одговара на тоа што помина како измени во КЗ, јасно говори дека или имало комуникација или, пак, дека се размислувало исто. Ама, ќе дозволите дека до збор исто да се размислувало е преголема коинциденција.

Според Николоски, активностите на Никола Груевски траат околу година и половина, а добиле на интензитет од февруари годинава. Комуникацијата со него ја поттикнале, пред сè, од политичката партија ДУИ, а потоа и СДСМ. Првично, според Николоски, планот бил да се привлечат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за уставните измени.

Откако таа варијанта не успеала, акцијата се одвива со цел да се ослабне резултатот на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори, вели потпретседателот на опозициската партија. Според Николоски, сите биле свесни дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои најмногу пратеници на изборите, но дека се прави обид резултатот да биде таков за да не може сама да прави влада. Во такво сценарио, според Николоски, тие би биле уценувани – дали за уставни измени, дали за ДУИ да продолжеле да владеат како досега или за нешто друго.