39 годишниот прилепчанец Д.М. утрово загина во тешката сообраќајна несреќа која се случила на железничкиот премин во населбата Сточен пазар во Прилеп, помеѓу воз и автомобилот „мерцедес“ со прилепски регистарски ознаки, кој бил управуван од Д.М. На лице место веднаш присигнале екипи на Итната медицинска помош кои утврдиле дека Д.М. починал на лице место, а додека двајцата сопатници 40 годишниот Т.Х. и 39 годишниот Г.Б. се здобиле со повреди при што биле пренесени во Општата болница во Прилеп.
Од јавното обвинителство во Прилеп велат дека се испитува целиот случај и наредена била обдукција на телото на починатиот. Истрагата треба да утврди како дошло до несреќата и тоа дали работела рампата на пругата. Од обвинителството велат дека на тоа место според прописите и правилата возот немало потреба воопшто да застанува.
Според дел од жителите на населбата Сточен пазар преминот бил безбеден, рампата најчесто работела, но дали тоа било така и утринава околу 4 часот, треба да утврдат надлежните.
„Во ред си е рампата, кога иди возот таа автоматски работи, како што нагазува така, кога ќе помине се крева. Има некои периоди некогаш да е во дефект, но се поправа од време на време. Е сега сабајле како било кој знае, дали била пуштена или не била тоа треба да се испита“, вели еден жител на населбата Сточен пазар.
„Работи рампата, си работи како што треба. Во 4 часот возот врви, тогаш била сообраќајката викаат, така слушнав, така ви кажувам“, додаде друг жител на населбата.
„Во 4 часот возот врви, тогаш ние станавме, децата одат на училиште, се собраа луѓето, возот човек турна. Во 4 часот сабајле слушнавме, дали била крената рампата или не била не знаеме“, рече друга жителка на населбата.
Според директорот на МЖ инфраструктура Хари Локвенец, Комисија составена од вработени и на МЖ транспорт и на МЖ инфраструктура, независно од Обвинителство веќе била излезена на терен и го испитувала целиот случај, како точно се случила несреќата. Од МЖ апелираат возачите да бидат многу внимателни кога поминуваат на вакви премини и да ја почитуваат поставената сигнализација.