Изгласана недоверба на Коцевски

Со 71 глас „за“, Собранието денеска му изгласа недоверба на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Интерпелацијата ја поднесе партијата „Левица“, обвинувајќи го Коцевски за селективна правда и неажурно постапување во чувствителни случаи, меѓу кои и трагедијата во Кочани.

Постапката замрзната по трагедијата во Кочани, продолжена по поднесено обвинение

Разрешувањето на Коцевски се најавуваше уште од февруари и март, кога премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со неговите сопартијци, иницираа постапка за негова смена. Меѓутоа, по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 18 март, во кој загинаа 62 лица – претежно млади луѓе, постапката беше привремено замрзната за да не се попречи истрагата.

Обвинението против 34 лица за несреќата беше поднесено на 13 јуни, но родителите на загинатите и повредените сè уште секоја сабота протестираат, изразувајќи сомнеж во праведноста на процесот.

Следни чекори за конечно разрешување

Иако интерпелацијата помина, за Коцевски да биде формално разрешен, потребно е Владата да поднесе предлог до Советот на јавни обвинители, кој треба да даде позитивно мислење, а потоа конечната одлука повторно ја носи Собранието со апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници.