„Со соништа и срца на оган, го избраа отпорот наместо покорот“
Со положување на свежо цвеќе и пригодна програма, денеска во месноста Моклиште кај селото Ваташа се одбележа 82-годишнината од бруталното стрелање на 12 младинци – едни од најсветлите ликови од македонската историја, кои за време на Втората светска војна го положија животот за идеалот на слободна Македонија.
Пред нивниот споменик и бистите, се собраа бројни делегации, ученици, претставници на институции и граѓани. Со длабока почит и симболични гестови се навратија кон судбината на младите херои, кои со својата младост, но и со својот отпор, засекогаш се врежаа во народната меморија како „Ваташките младинци“.
– „Тие беа млади – со соништа, со љубови, со живот пред себе. Но, во мигот кога слободата беше задушена, тие не молчеа. Не се скрија. Се исправија. Се издигнаа. Со голи раце, но со огнени срца, го избраа отпорот наместо покорот. Правдата наместо стравот. Македонија – наместо себеси“, изјави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, во своето обраќање пред споменикот.
„Никогаш нема да дозволиме да бидат заборавени“
Јанчев нагласи дека овие 12 момчиња, обични синови на својот народ, со својата одлука да не се покорат пред фашизмот, се втемелени како вечни симболи на отпорот и слободата.
– „Никогаш нема да дозволиме да бидат заборавени“, подвлече Јанчев.
Во рамки на одбележувањето, беше одржан и историски час од кустос-историчарката Натка Китева од Музеј галеријата во Кавадарци, а присутните имаа можност да проследат и културна програма, подготвена во чест на младинците – сведоштво дека и по осум децении нивната жртва е столб на колективната свест за слобода и достоинство.