Македонија го одбележува 11 Октомври
Во земјава денеска се одбележуваат 84 години од почетокот на народното востание, кое во 1941 година започна во Прилеп и Куманово и го означи почетокот на борбата против фашизмот и за ослободување на македонскиот народ. По тој повод, ќе се одржи свечена академија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“, на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Наградата „11 Октомври“ за култура, наука и уметност
Во Собранието на Република Северна Македонија ќе бидат врачени годинашните државни награди „11 Октомври“. За животно дело во областа на културата и уметноста ќе бидат наградени актерката Теута Ајдини Легени, хорскиот диригент професор Летка Димовска и продуцентот Иво Јанкоски. Во областа на науката и образованието, признанието ќе го добијат професорот д-р Константин Димитров, машински инженер, и академик Глигор Јовановски, хемичар.
Цвеќе на спомениците на народните херои и симболите на слободата
Во чест на празникот ќе бидат положени венци и свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, пред Спомен-костурницата во Куманово, како и пред спомениците на Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифовски – Питу и Могилата на непобедените во Прилеп. Денешниот ден, согласно Законот за празници, е неработен во целата држава.
На 11 октомври 1941 година, Првиот прилепски партизански одред го нападнал полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а веќе следниот ден, 12 октомври, им се придружиле и партизаните од Куманово. Овој датум е продолжение на вековната борба за слобода – од Карпошовото, Разловечкото и Кресненското востание, преку Илинденското востание, до одлуките на АСНОМ во 1944 година, со кои се заокружува идеалот за создавање на македонска држава.
Денес Македонија како наследник на тие борбени традиции, е полноправна членка на Обединетите нации и НАТО.
