Во периодот од 18:00 часот на 9 август до 02:00 часот на 10 август, екипи на СВР Скопје спроведоа засилена акција за контрола на сообраќајот и одржување на јавниот ред и мир на територијата на главниот град.

99 казни за различни прекршоци

Во рамки на контролата биле изречени 99 казни за различни прекршоци. Со специјалното возило „Пајак“ биле подигнати 11 возила, а уште две се одземени поради создавање прекумерна бучава. Приведени се и двајца малолетници – едниот поради игнорирање на знакот „Стоп“, а другиот за управување возило без возачка дозвола.

Четири лица завршиле во полициска станица откако кај нив биле пронајдени наркотични средства.

Во соработка со инспектори за животна средина, била измерена јачината на бучавата во повеќе угостителски објекти. Два од нив, лоцирани во централното подрачје на Скопје, биле санкционирани поради пуштање премногу гласна музика, а за констатираните прекршоци им се изготвени записници.

Дополнително, во координација со Државниот пазарен инспекторат, биле извршени проверки на документацијата на дел од угостителските објекти.

Од СВР Скопје најавуваат дека ваквите ноќни контроли ќе продолжат, со цел поголема безбедност во сообраќајот и подобар јавен ред во Скопје.