Историјата ставена во втор план, со фокус на градење на добрите односи меѓу граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати е пристапот кој вчера го соопштија премиерите на двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
Новиот бугарски премиер вчера беше во посета на земјава, со порака, како што повеќе пати посочи изминатите денови за поттикнување на процесот за приближување на двете земји, кој изминатиот период беше во застој и резултираше со уште едно вето за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Приближувањето ќе се спроведува прагматично, најпрво онаму каде што нема препреки и тоа преку формирање на конкректни работи групи, кои ќе работат во одредени и области, ќе се состануваат со динамика еднаш месечно и ќе бидат предводени од експерти во дадената област, а не од политичарите.
За работните групи подетално ќе се разговара на меѓувладината седница на двете држави, која како што објавија Ковачевски и Петков ја закажале за 25 јануари во Софија, а она што двајцата премири вчера го договориле е користењето на краткото име Северна Македонија, подеднакво како и долгото Република Северна Македонија, што беше едно од барањата во патоказот пет плус еден.
Бугарија, како што соопштија вчера на прес-конференција двајцата премиери, прифатила да го користи скратеното име Северна Македонија, подеднакво, како и долгото име Република Северна Македонија и нема да ја кочи употребата на тоа име во меѓународните процеси. За тоа ги известила Обединетите нации, а и Северна Македонија со вербална нота до ОН потврдила дека користењето на краткото име нема никакви импликации врз територијалниот интегритет на Бугарија.
Следното што ќе треба да го направат двете земји е финализирање на договорот за прекугранична соработка за периодот 2022-2029, во рамките на кој е и отворањето на граничниот премин Клепало. За еден месец треба да се изработат точните спецификации, а веќе за 60 дена се очекува и воведувањето директна авиолинија Скопје-Софија.
Ковачевски на заедничката прес-конференција посочи дека со Петков си ветиле дека ќе ја искористат новата енергија и преку нов пристап базиран на заемна почит ќе ги унапредуваат односите меѓу двете земји.
– И јас и тој имаме иста заедничка цел да создадеме услови за подобра иднина на граѓаните на Република Северна Македонија и Бугарија. Оваа денешна посета на колегата Петков коинцидира со 30-годишнината од признавањето на Република Бугарија на нашата земја под уставното име. Бугарија е прва која не призна и направи пријателски чин во исклучително сложени политички услови. Триесет години подоцна отвораме еден нов прозорец на соработка кој веруваме дека ќе резултира со нов пријателски и добрососедски чин, поддршка за нашата евроинтеграција, рече вчера Ковачевски.
Бугарскиот премиер од своја страна, изјави дека со Ковачевски имале добар и пријателски разговор и оти се согласни добрососедството на двете земји да се качи на уште повисоко ниво.
– Многу сум среќен што можам да кажам дека оттука натаму добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати. Јас многу се радувам за напредокот што беше постигнат денеска и што можам мирно да кажам Северна Македонија, рече Петков.
Тој нагласи дека со неговиот колега Ковачевски се согласни и натаму да продолжи брзината со која се движат работите со цел постојано унапредување на односите и добрососедството.
Дека тоа така ќе продолжи, потенцира Петков, говори и фактот што наскоро, веќе на 25 јануари ќе се одржи и седница на двете влади, а најави дека потоа секоја седмица една од групите ќе се состанува со јасни цели и јасни резултати. На тој начин, вели Петков, ќе им покажеме на двата народа од двете земји дека добрососедството се мери практично, а не само на ниво на политички изјави.