Европската комисија наскоро ќе го претстави планот за четирикратно зголемување на производството на електронски чипови во Европа до 2030 година, а тоа ќе биде една од главните иницијативи на европската индустрија, клучна и од геополитичка гледна точка.
– Ние сакаме да достигнеме 20 отсто од светското производство до 2030 година, знаејќи дека дотогаш пазарот треба двојно да се зголеми. Затоа, потребно е Европа сопственото производство да го помножи со четири, изјави еврокомесарот за внатрешна трговија Тиери Бретон.
Глобалната економија сега се соочува со недостиг на полупроводници, додека побарувачката е зголемена поради се поголемата дигитализација.
– Новиот проект наречен „Чипс акт“ делумно ќе биде финансиран од европските фондови, нагласи Бретон.
Според него, „помошта нема да биде доделена само за финансирање на зголемувањето на сегашните производни линии за да се справиме со сегашниот недостиг, туку и ќе ги поддржи иновациите и производството на чипови од новата генерација“.