Прилепските земјоделци покажуваат голем интерес за земање под концесија државно земјоделско земјиште, потврдуваат од подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп.
Преку 400 хектари државно земјиште во прилепскиот дел од Пелагонија ќе бидат ставени во функција за новата производствена година. Потпишани се над 220 договори меѓу Министерството за земјоделство и производителите.
Музафер Мустафоски е земјоделец од прилепското село Kанатларци. Тој и неговиот син под концесија зеле по три хектари државно земјоделско земјиште и со земјиштето што го имаат досега, ќе работат и ќе произведуваат на 10 хектари.
– Јас и мојот син под концесија зедовме по три хектари државно земјоделско земјиште. Досега имавме четири и сега вкупно на располагање ни се 10 хектари земја. Главно ќе садиме тутун, житни култури, сончоглед. Ова е многу добро и поисплатливо, зашто земјата што досега ја земавме под кирија од приватни земјоделци стана неисплатлива. Сега, добиваме и субвенции, па производството е исплатливо. Ние друго не може да работиме, живееме од земјоделското производство и се надеваме дека ќе остане профитабилно, изјави Мустафоски.
Од подрачната единица на Министерството за земјоделство објаснуваат дека според бизнис планот што го доставија производителите, нема промена во одгледувањето култури. На прво место се градинарските, па житните и тутунот, а се враќа и интересот за овоштарници и производството на лешници.
Министерството за земјоделство најавува нов повик за производителите да го земат земјиштето под концесија и да произведуваат исплатливо. Очекувањата се дека секој што сака државно земјоделско земјиште и да произведува, ќе добие можност што е добро да зазелени голем дел од Пелагонија и да се стави земјиштето во функција.