Со отплатување на дел од заостанатите долгови и вонсудско спогодување за отпис на каматните обврски, по 14 години е одблокирана буџетската сметка на Општина Зрновци.
Според табеларниот преглед што бил добиен од Министерството за финансии, по основ на четири извршни решенија од 2007 година, зрновската локална самоуправа долгувала околу 6,3 милиони денари
– За над половина од вкупниот долг извршивме порамнување, согласно Законот за финансиска подршка на единиците на локална самоуправа, за доспеани неплатени обврски кон доверителот „Гранит АД“ од Скопје. Со доверителот „Конструктор Рената и други ДОО“ беше постигнат вонсудски договор за отпис на камата од околу 1,4 милиони денари, а се обврзуваме на динамичен план за отплата на главнината што ќе биде целосно исплатена до април оваа година. Останатите два основа по кои општината должеше се исплатени во целост, по што добивме известување од Секторот трезор на Министерството за финансии дека буџетската сметка ни е деблокирана, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Главната цел на правните и финансиски активности што во изминатите два месеца ги презеле општинските служби, била да се спречи непродуктивното одлевање на буџетски средства за отплата на камати кон доверителите. Со одблокирањето на сметката, локалната самопурава на Зрновци во иднина ќе може да функционира без ограничувања и да ги реализира зацртаните планови за развој.