Здравствените статистики во Белгија откриваат дека секој петти хоспитализиран во земјата е дете под 12 годишна возраст, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според докторката Ан Тилеманс ова се должи на фактот што вирусот највеќе циркулира кај најмладите, а децата се многу малку или воопшто не се вакцинирани.
Помеѓу 10 и 23 јануари оваа година болниците избројале 591 дете помеѓу 0 и 11 години хоспитализирано поради Ковид-19, односно 20 отсто од хоспитализациите во државата.
Светла точка е што ниеден од овие случаи немал фатален исход.
Здравствените експерти и докторите на педијатрија оценуваат дека ова се должи на фактот што само пет отсто од децата помеѓу 0 и 11 годишна возраст добиле дупла доза вакцина до сега. Кај постарите деца, над 12 години, кои се повеќе вакцинирани, обемот на хоспитализации е значајно помал, велат статистиките. Докторите потсетуваат дека иако омикрон е послаба варијанта, а најмладите се генерално подобро заштитени од Ковид-19, тешки форми на болеста сепак можат да ги засегнат и децата.
Што се однесува до стапката на позитивност, односно бројот на позитивни ПЦР тестови, за децата помеѓу 0 и 11 години, таа изнесува 0,7 отсто. На интензивна нега завршиле “само„ 16 деца. Иако оваа бројка се чини мала, таа е сепак поголема од претходните недели, покажуваат податоците од белгискиот институт за јавно здравје, Сиенсано