Останува отворено прашањето дали ќе биде исполнето барањето на синдикатот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Синдикатот и Владата вчера се состанаа, но одлуката ќе се носи во среда на Економско-социјалниот совет на кој ќе присуствуваат и работодавачите како трета страна на социјалниот дијалог.
Синдикатот бара зголемување на минималната плата веднаш и спирално зголемување на сите останати плати, а доколку не биде исполнето ова нивно барање, најавуваат штрајк, но не се исклучени и други форми на изразување незадоволство како протести и блокирање улици.
– Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе“, туку „кога“ и „колку“. Затоа сум малку револтиран од односот на нашите социјални парнери. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски по вчерашната средба во Владата со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
Од Владата велат дека минималната плата ќе расте, но сметаат дека системското решение треба да се најде низ дијалог со сите социјални партнери.
– Вицепремиерот Битиќи, министрите Тренчевска и Алити, во дискусијата за време на состаноците, нагласија дека минималната плата ќе продолжи да расте и системското решение ќе дојде преку дијалог со сите засегнати страни, а решението кое би било предложено секако подразбира одржливост на подолг рок за пораст на минималната плата во согласност со порастот на трошоците на живот и растот на просечните плати, наведе владината прес-служба во соопштението испратено по вчерашната средба.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска по вчершаната средба со Организацијата на работодавачи на Македонија најави дека на Економско-социјалниот совет ќе се отвори и прашање за промена на критериумите за минималната плата.
-Нашиот став е дека преку преговори за минималната плата во кои ќе учествуваат Владата, работодавачите и работниците со факти и аргументи треба да дојдеме до решение кое е добро за сите засегнати страни. На овие состаноци ќе го отвориме и прашањето за промена на критериумите за минималната плата, посочи Тренчевска.
Според ОРМ, како што пренесе Министерството за труд и социјална политика, најдобро е дијалогот да започне со разговори за новите критериуми за покачувањето на минималната плата.
Минималната плата се усогласува секој март во годината, но синдикатот бара зголемување веднаш. Смета дека ваквото барање е егзистенцијално имајќи го предвид зголемувањето на трошоците за живот, економската и енергетската криза. Како аргумент плус го посочуваат и тоа дека две минимални плати не се доволни да ги задоволат минималните трошоци на едно семејство. Минатата недела, презентираа и анализа која покажува дека зголемувањето на минималната плата не влијае негативно на фирмите и на нивната профитабилност, туку ја зголемува мотивираноста и продуктивноста кај работниците, а со тоа позитивно влијае и врз профитабилноста на компаниите.
Минималната плата беше воведена во јануари 2012 година, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш минималната плата изнесуваше 8.050 денари, освен за текстилната и кожарската индустрија, сектори во кои оваа сума беше достигната во 2015 година. Последната законски утврдена минимална плата беше во 2019 година, кога беше утврдена на 14.500 денари. Во меѓувреме со усогласувањето со трошоците на живот таа се искачи на околу 15 илјади денари. Висината на минималната плата во 2019 година беше усогласена по неколкумесечно преговарање преку социјален дијалог со сите социјални партнери, во договор и со синдикатите и работодавачите.