Владата нема легитимитет. Тројца носител на изборни единица имаме кои што не се согласуваат со политиките. Бегате од сите клучни министерства, имаме енергетска криза а СДСМ не го раководи министерството за економија, здравствена криза не го раководите министерството за здравство, министерството за надворешни работи повторно немате кадар на СДСМ. Бегате од сите клучни министерства и единствено што ви треба е Буџетот за да располагате со државните пари, му порача пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на Дарко Каевски во вечерашното гостување во емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Лефков истакна дека граѓаните живеат се полошо и полошо, апелирајќи дека се потребни предвремени парламентарни избори и избор на влада која ќе има легитимитет, а не како сега влада која единствено само ги користи бенефитите од власта.
-За четири години што направивте, 2,4 милијарди евра исчезнаа од државата. Треба д има избори бидејќи тоа ќе значи дека ќе добиеме една легитимна влада, а не ова. Ова е сега е само за да се уживаат бенефитите од власта и немојте да ми кажувате нешто поразлично, бидејќи тоа е вистината, вие само создавате кризи. Граѓаните живеат секој ден се полошо и полошо, се помачен е животот во Македонија. Немојте да градите розева слика, ајде да излеземе на избора, порача Лефков.
Лефков ги посочи проблемите на оризопроизводителите од Кочани, укажувајќи како министерот за земјоделство Љупчо Николовски може да ги гледа во очи земјоделците бидејќи им ветил намалување на трошоците за производство, а истите пораснале за 300 проценти.
-Не знам како Љупчо Николовски ги погледнува земјоделците во очи, па тој им ветуваше во Кочани намалување на трошоците за производство, знаете колку пати се зголемени трошоците за производство, за 300 проценти, ако претходно една вреќа ѓубриво беше 450 денари, сега е 1200 денари. А знаете што направи министерот за економија, ја замрзна цената на оризот, а цената на оризот е на пониско ниво од минатата година, рече Лефков.