Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на Брисел, каде се наоѓа во дводневна работна посета, се запозна и поразговара со млади професионалци од нашата земја, кои работат во меѓународните институции и приватниот сектор во Кралството Белгија, информираа од Влада.
На средбата, премиерот Ковачевски придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и амбасадорката на Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, Агнеза Руси – Поповска, со младите професионалци разговарал за нивните лични професионални предизвици и за актуелните меѓународни случувања на политичката сцена во Македонија.
Како што соопштија од владиниот Сектор за односи со јавноста, една од темите на разговор бил Отворен Балкан, при што премиерот Ковачевски информирал дека Иницијативата не е замена за Европската Унија, но, е значајна за регионалниот развој на економијата и олеснување на движењето на луѓето, како и на стоките и подобрување на условите за соработка.
Премиерот Ковачевски во разговорот со младите од Македонија размениле мислења за важноста на проширувањето на видиците кои ги обезбедуваат меѓународните студии и градењето на професионалната кариера во странство.
Вицепремиерот Маричиќ истакнал дека групата млади луѓе кои се на состанокот се истакнати професионалци со капацитет на знаење и искуство кои можат да бидат вклучени во евроинтеграциските процеси.
Амбасадорката Руси изразила благодарност до младите кои се одзвале на поканата да присуствуваат на средбата, истакнувајќи дека вмрежувањето е многу важно и за добра меѓусебна соработка.
Присутните млади професионалци низ разговорот споделиле дел од своите работни искуства, информирајќи подетално за моменталните професионални подвизи на кои работат.