Лидерите на институциите на ЕУ се едногласни во поддршката за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Македонија за отворање на поглавјата без одлагање. Од Европската комисија, пак, се очекува да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Македонија и Албанија. Ова е епилогот од првата дводневна официјална посета на премиерот Димитар Ковачевски на Брисел.
На средбите во европските институции во Брисел, Ковачевски беше придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На средбата со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, Ковачевски кажал дека во наредниот период, за време на претседавањето на Франција со ЕУ, едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на Европската комисија да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Македонија и Албанија.
Ковачевски ја информирал Фон дер Лајен за резултатите од интензивната агенда на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, посочувајќи дека на двете официјални работни средби и во Скопје и во Софија, се постигна договор за унапредување на билатералната соработка преку создавање на пет работни групи.
Тој истакнал дека од нивната работа се очекуваат конкретни резултати кои ќе бидат преточени во патоказ кој ќе го забрза процесот за одржување на првата Меѓувладина седница на Македонија со ЕУ за отворање на поглавјата за членство во Унијата.
Двајцата соговорници на средбата се согласиле дека од голема важност е што поскоро да започне преговарачкиот процес за Северна Македонија за да се одржи динамиката на реформите.
Претседателката на ЕК со објава на Твитер му посака добредојде на премиерот Ковачевски.
– Ја охрабрувам Македонија да продолжи со испорачување на реформите и да го одржи позитивниот моментум со Бугарија, на нејзиниот пат кон ЕУ, напиша Фон дер Лајен.
На средбата станало збор и за ефектуирањето на финансиската поддршка од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан за проектите за железницата со Бугарија, за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, за парк за ветерна енергија и за соларна централа, како и за интерконекторот за гасно поврзување на Македонија со Србија.
На средбата со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, премиерот го информирал дека новата Влада го задржува фокусот на клучните реформски области за европеизација на владеењето на правото и борбата против корупцијата, демократското владеење, економскиот развој, енергијата и климата и дигиталните транзиции, како и на унапредување на добрососедските односи и европската интеграција.
За време на разговорот, Ковачевски го информираше Мишел за започнатиот интензивен дијалог меѓу владите на Македонија и Бугарија.
Ковачевски и претседателот на Европскиот совет споделија заеднички став дека е забележлива подготвеноста на владите во Скопје и Софија да се удвојат напорите за подобрување на односите меѓу земјите и дека во таа насока ангажманот на европските институции во помагањето за деблокирање на процесот за пристапување кон ЕУ за Македонија, како и за Албанија, се очекува позитивно да влијае на динамиката на реформи во Западен Балкан.
На средбата со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, Ковачевски изразил благодарност за континуираниот ангажман и подготвеност на Европскиот парламент во поддршката на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан да напредуваат во процесот на интеграција во ЕУ.
Тој ја навел како особено значајна плодната соработка на Северна Македонија со Европскиот парламент во рамките на дијалогот Жан Моне, преку дискусиите на Мешовитиот парламентарен комитет, како и посветената работа на пратениците на ЕП за напредокот на земјата во остварувањето на стандардите во процесот за пристапување во членство во ЕУ.
– За време на разговорот во Европскиот парламент, претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски ја запозна Мецола со силно изразената подготвеност на Владите во Скопје и Софија да ги удвојат напорите за подобрување на меѓусебните односи со јасни намери да го забрзаат процесот за одржување на првата Меѓувладина конференција со ЕУ, соопшти владината прес-служба.
На средбата беше истакнат напредокот во реформите во судството и владеењето на правото препознаени и во последниот извештај на ЕК, и беше нагласено дека Северна Македонија продолжува со силна политичка посветеност да ги имплементира позитивните препораки на ЕП за имплементација на реформите за да се заокружи стратешкиот проект за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
На крајот на неговата посета на Брисел, Ковачевски подвлече дека иднината на Северна Македонија е во европското семејство и дека тоа е иднина на највисоки демократски вредности, на зелената агенда, на обновливите извори на енергија, на дигитализацијата и пат кој на младите им создава предвидливост и простор за развој.
– Овде во Брисел ги известив нашите партнери од ЕУ за напредокот што го направивме заедно со Бугарија во продлабочувањето на добрососедската соработка. Јасна е и поздравена заложбата на двете земји за изнаоѓање решенија и интензивирање на дијалогот. Низ разговори со нашите пријатели Шарл Мишел во Европскиот совет и Роберта Мецола во Европскиот парламент, потврдена е отворената поддршка за одржувањето на првата меѓувладина конференција, рече вчера Ковачевски.
Тој потсети дека посетата ја започна со заедничката прес-конференција со генералниот секретар Јенс Столтенберг во НАТО и оти заедно го потврдиле единството по прашањата поврзани со Украина, и потребата од деескалирање и решавање на прашањата со Русија по пат на дипломатија, бидејќи, како што кажа, „ние сме НАТО, а НАТО е за мир и дијалог, за сигурност и безбедност“.
– Ја завршуваме работната посета со средбите со драгите пријатели во Европската Унија, домот на кој му припаѓаме. Се враќаме со силна поддршка која не мотивира да го интензивираме европеизирањето дома, заклучи Ковачевски по завршувањето на неговата прва официјална посета на европските институции во Брисел.
Европската Унија се надева дека до крајот на француското претседателство со ЕУ, на 30 јуни, ќе се деблокира спорот меѓу Скопје и Софија и со тоа ќе можат конечно да започнат долго одложуваните преговори за членство со Македонија, но и со Албанија, за која голем број земји членки на ЕУ не сакаат да дадат зелено светло без Македонија.
Улогата на Мишел како претседател на Европскиот Совет и директен соговорник на шефовите на држави и влади може да помогне во овој процес. Мишел е исто така сопартиец и близок со францускиот премиер Емануел Макрон.