„Се бранев, не се чувствувам виновна“, кажа велешанката Павлинка Илоска сведочејќи во случајот за убиството при семејно насилство на невенчаниот сопруг Александар Ристовски, јавува Телма.
23-годишната Илоска се товари за кривично дело Убиство сторено на миг, кое носи максимална казна од пет години затвор.
Судењето денеска започна во Основниот суд во Велес и одеше експресно – за еден ден сослушани сите сведоци, изнесени доказите, кажани завршените зборови. Објавата на пресудата е закажана за утре во 13 часот.
„Се каам и жалам за стореното, но тоа беше борба за живот, ако не беше тој, јас ќе бев мртва. Кога почна да ме дави јас претав со нозе, со раце, немав сила да му се спротивставам. Се вративме од гости околу полноќ, тој пиеше, јас утрината бев работа и сакав да спијам. Побара од мене да сум направела есап колку пари сме потрошиле, а јас од желба за сон сум заспала. Тој во таква состојба се нафрли врз мене. Бев како фудбалска топка, ме шутираше со нозе. Па ме фати за врат, му реков немој Александар ќе ме удавиш, се уплашив. Почнав да губам свест, гледав само некоја светлина, немав воздух да дишам. И во таа борба за живот кога стивнавме до кујната фатив некој предмет, не знаев што е, само сакав да го удрам да ме ослободи. Почувствував дека наеднаш губи сила и ме ослободи. Видов дека има нож во градите“, ги раскажа кошмарните моменти од фаталната вечер на 29 септември лани, кога при семејно насилство го уби нејзиниот партнер Ристовски во нивната куќа во Велес.
Павлинка, и покрај сè, неколкупати повтори дека го сакала Александар.
„Се надевав дека ќе се промени, му давав шанси, оти го сакав. Кога не беше пијан тој беше многу добар човек“, додаде таа. Сведочењето беше мачно и во тажна атмосфера, а Павлинка повеќепати прекинуваше поради силните емоции и солзите.
Убиениот беше полицаец во СВР Велес и во два наврати бил условно осуден – еднаш откако прегазил шестмина тинејџери и еднаш оти ја давел балдската.
Од Хелсиншки комитет соопштија дека очекуваат ослободителна пресуда за Илоска и одговорност од полицајците кои штителе колега-насилник.
„Од она што беше презентирано во судницата, оценуваме дека огромна одговорност во овој случај сноси СВР Велес. Сведочењата потврдија дека починатиот во многу наврати бил пријавуван за насилство кон партнерката со која живеел, од страна на членови на нивните семејства и од соседите, но полицијата никогаш не дошла, ниту постапила. Инаку, на дописот на Хелсиншкиот комитет до СВР Велес, со кои беа побарани информации поврзани со случајот, беше добиен одговор дека воопшто немало пријави за насилство. Сето ова буди основан сомнеж дека полицијата се ставила во заштита на својот насилен колега и со своето непостапување против него, придонела за трагичниот тек и исход на настаните. Со оглед дека непостапувањето на надлежните органи е една од главните системски слабости во справувањето со семејното и родово базираното насилство, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе инсистира на одговорност од инволвираните полициски службеници“, велат од Хелсиншки.