Зад нас се 100 дена работа во Општина Кочани. 100 дена одбележани со труд, чесност, многу средби со граѓаните, анализирање и завршување на веќе затекнатите состојби и започнување на новите проекти, ова денеска го истакна градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов на настанот „100 дена локална власт- отчет на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ“ организиран во Кочани
Папазов во неговиот говор наведе и низа на реализирани проекти во првите 100 дена на градоначалничката функција.
-Во периодот на преземањето на градоначалничката функција ја затекнав состојбата со реализација на проектот за изградба и поставување на атмосферска канализација на ул. Стево Теодосиевски во должина од 270 метри со 16 шахти и 6 собирни решетки. Реконструкцијата на градскиот парк ќе продолжи со уредување на делот од летната сцена и детскиот парк со нови реквизити опрема и нов под. Со реконструкцијата на ул. Роза Петрова, кракот и паркиралиштето се доби функционален простор со површина од 3000 квадратни метри, обезбеден сообраќаен пристап за станарите до објектите за колективно домување, се обезбеди паркиралиште за нови 90 места и добивме еден километар асфалтирана површина од ул. Роза Петрова, а во исто време на десната страна од истата улица ново тротоарско решение за безбедно и слободно движење на пешаците, истакна Папазов.
Тој додаде дека за овие 100 дена се работело интензивно и во насока на решавање на проблемот со отпадот во градот преку поставување на контејнери и чистење на повеќе диви депонии во околината на Кочани.
-Во централното градско подрачје на четири платформи се поставија контејнери за собирање на комуналниот отпад и во исто време селекција на останатиот отпад. Два контејнери се за комуналниот отпад, еден за пластика еден за хартија. Со ова ги избегнавме лошите и непријатни миризби на овие локации, расфрлањето на отпадот околу контејнерите, поместување на истите, а се обезбеди и заштита на јавниот простор. Комуналното јавно претпријатие беше ангажирано и во санирањето на голем број депонии во околината на Кочани. Беа исчистени и уредени, просторот околу фабриката за вода, повеќенаменското игралиште и антената во Трајаново Трло, депонијата во Прибачево и голем број останати депонии на територијата на Општина Кочани, потенцираше Папазов.
Папазов исто така истакна дека Општина Кочани грижата за животната средина ја манифестира преку учество во проектот за изработка на катастар на загадувачи на почвата, водата и воздухот, со што ќе се дефинираат истите и ќе се одредат превентивните и репресивните мерки за решавање на ваквите состојби.