Прекинот на снабдување со гас би предизвикал шок, што ќе ги намали вредностите на стоката и услугите произведени во еврозоната, предупреди денеска Европската централна банка (ЕЦБ).
Цените на енергијата достигнаа рекордно ниво, поради стравови од евентуален руски напад врз Украина, што би довел до прекин на снабдувањето на Европа со руски енергенси, откако Западот ѝ се закани на Москва со санкции. Се стравува дека тие санкции може да ги опфатат и нафтата и гасот.
Русија ги негира тврдењата дека подготвува инвазија врз Украина.
Високите цени на енергијата ќе го намалат БДП-то на еврозоната годинава за околу 0.2 отсто во однос на неутрално сценарио. Најголемо влијание се очекува во првите три месеци, процени ЕЦБ во денешниот напис, објавен во Економскиот билтен.
Над 90 отсто гас, што еврозоната го троши, доаѓа од увоз, што значи дека притисокот врз економијата ќе се засили, доколку остане без дел од увезениот гас, предупреди ЕЦБ.
– Се проценува дека бруто додадената вредност на еврозоната се намалила за 0.7 отсто, поради директни и индиректни последици од шокот, што во корпоративниот сектор би предизвикал хипотетска 10-процентна рационализација на потрошувачката на гас, пресметаа од банката.
Вистинскиот пад може да биде уште поголем, со оглед на тоа што во калкулациите не е вклучен ефектот од променетата цена на енергија, нагласуваат од банката.
Во такво сценарио, најтешки последици би претрпеле Австрија и Словачка, а меѓу индустриските сектори, веројатно најмногу би бил погоден секторот на основни метали, оценува ЕЦБ.