Вкупно 31 отсто од бугарските граѓани го поддржуваат најавениот нов, пофлексибилен пристап во преговорите со Северна Македонија, а за придржување до досегашниот поцврст став се изјасниле 49 отсто од испитаниците кај нашиот источен сосед, додека 20 проценти немаат став.
Ова го покажуваат резултатите од анкетата на Агенцијата „Алфа рисрч“, објавена вчера, а спроведена во периодот од 6 до 14 февруари на примерок од 1060 испитаници.
Во претходните анкети околу односот спрема Северна Македонија за време на Владата на Бојко Борисов и министерката Екатерина Захариева поддршката за тврдиот пристап изнесуваше и до 80 отсто.
Според Агенцијата, по ова прашање, тенките црвени линии не минуваат само меѓу коалициските партнери, туку и кај нивните поддржувачи. Со исклучок на Демократска Бугарија, поддржувачите на сите партии во владејачката коалиција, вклучително и оние на Промената продолжува, на премиерот Кирил Петков, му даваат предност на досегашниот пристап. Тоа не значи дека новиот пристап е осуден на неуспех, но ја потврдува старата максима – не е доволно да се каже, важно е да се убеди, наведуваат од Агенцијата. И очигледно, токму во убедувањето на теми кои не се директно поврзани со противењето на претходните владетели, новата влада трпи значителни дефицити.
Во анализата на Агенцијата се наведува дека според речиси сите главни показатели кои „Алфа рисрч“ ги следи повеќе од 20 години, мислењата на луѓето се многу поларизирани. И покрај промената на седум редовни влади во овој период, беше многу ретко да се види толку брзо и различно темпо во еволуцијата на ставовите на јавноста во раните месеци на една влада, како што е забележано во тековната студија на агенцијата.
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи по вчерашната средба на делегациите на Северна Македонија и Бугарија на маргините на Минхенската безбедносна конференција, информира дека било изразено задоволство од процесот на динамизирање на билатералната соработка преку реализацијата на концептот на работни групи и конкретните активности и предлози кои до сега произлегоа од нивната работа.
-Во однос на пакетот политички прашања беше поздравена работата на експертските групи составени од претставници на министерствата за надворешни работи. Непосредната комуникација и секторската соработка е ефективен метод и како таков ќе продолжи да се користи во контекстот на продлабочување на односите и подигање на нивото на политички дијалог, напиша Османи на Фејсбук.
Во однос на претстојната средба на Заедничката меѓудисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која ќе се одржи на 24 и 25 февруари во Софија, Османи посочи дека била изразена надеж дека Комисијата ќе продолжи да работи во конструктивен амбиент и ќе покаже отвореност и добра волја за напредок и отворање на перспективи.
Во меѓувреме, работните групи формирани на крајот на јануари меѓу Северна Македонија и Бугарија, продолжуваат со утврдениот календар на состаноци. Во Скопје завчера се одржа состанок на четвртата работна група за продлабочување на билатералната соработка меѓу владите на Северна Македонија и на Бугарија во делот на културата, образованието и науката, туризмот и младите и спортот, која, како посочија на заедничката прес-конференција по средбата министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование и наука на Бугарија, Николај Денков, поминала во пријателската атмосфера и со акцент на продлабочување и интензивирање на веќе воспоставената соработка во изминатите години.
Идната седмица, на 23 февруари, во Скопје ќе се одржат разговори на експертско ниво меѓу двете министерства за надворешни работи, најави шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Тие состаноци алтернативно се менуваат. Во Софија имавме состанок на политичко ниво, потоа имаше повторно на експертско ниво во Софија, деновиве очекуваме повторно да имаме разговори на највисоко политичко ниво, за потоа на 23-ти во Скопје ќе има разговори на експертско ниво, рече Османи.
На тој начин, според него, експертите обработуваат некоја тема, политичарите даваат свои политички погледи и насоки и така треба да ја имаме потребната слика минувајќи ги сите филтри, со цел ниту едно решение да не остане неанализирано како што треба.
Прашан дали може без финално решение на Комисијата за историски прашања да почнеме преговори со ЕУ, Османи вели дека таа Комисија е долгорочен процес и оти нејзина цел е да ја конзервира темата во неа, за општествата и политичарите да не дебатираат за историја и тие историски прашања, како што вели, да не ја контаминираат билатералната, секојдневна комуникација.
– Тоа е најважниот квалитет на таа Комисија и доколку тие успеат да ја задржат дебатата само кај нив, со тоа значително ќе ги растеретат општествата да соработуваат, а истовремено ќе има механизам каде ќе се надминат разликите бидејќи ние велиме, да, треба да се надминат тие разлики, но никој не очекува дека до одреден рок историската комисија ќе даде резултати, истакна Османи во гостувањето на ТВ Сител.
Според него, овој пристап не треба да создава притисок за рокови, но треба да создаде доверба кај двете страни дека сепак нема намерно кочење, нема намерно одложување, туку дека има еден нормален процес на научна дебата.
Согласно новиот пристап во разговорите со Бугарија, утврден на заедничката меѓувладина седница што се одржа на крајот на јануари во Софија, двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Разговорите за политичкиот пакет прашања се разгледуваат на експертско ниво, меѓу двете министерства за надворешни работи.
Првата средба за пакетот политички прашања се одржа минатата недела во Софија. Двете земји ги дефинираа приоритетни прашања за кои ќе се бараат решенија. За македонската страна тоа се идентитетските прашања во преговарачката рамка како европски решенија, а за бугарската прашањето на Бугарите во Северна Македонија.
На 23 во Скопје на новата средба на експертско ниво, се очекува двете делегации да дојдат со нови политички инструкции врз основа на разговорите што се водени на првиот состанок на 11 февруари во Софија, на кој детално биле елаборирани позициите на двете страни.
Шефот на дипломатијата Османи минатиот викенд оцени дека позициите се уште се различни, но дијалогот за изнаоѓање заеднички решенија продолжува.