Собранието попладнево расправаше за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој минималната плата ќе изнесува 18.000 денари. Расправата по овој Предлог на закон продолжува утре во 12 часот.
Пратениците од опозициските партии на собраниската говорница истакнаа дека жалат што мнозинството не ги прифатила нивните амандмани за подобрување на текстот на законот и за скалесто покачување на платите во јавниот и во приватниот сектор. За пратениците од владејачкото мнозинство, овој закон е од големо значење, како што посочија, со кој се излегува во пресрет на работничките права и на нивното унапредување.
Пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска од собраниската говорница истакна дека овој предложен закон ја уредува и финансиската помош за исплата и контрола во остварување на финансиска помош за работодавачите, критериумите како фирмите да користат субвенции, од 1.197 денари и ги обврзуваат фирмите да не ги испуштаат работниците за кои зеле субвенција најмалку 1 година.
– Не гледам пречка на колегите од опозиција, зошто не сме прифатиле нивни амандмани, бидејќи со нив сакаат директно да извршат упад во матичните закони по сектори и во колективните договори, а претставуваа и суспензија на социјалниот дијалог, истакна Лазаревска.
Таа истакна дека овој закон е „одличен текст“ со кој ќе им се помогне на најранливите категории, кои земаат минимална плата, но тоа ќе влијае и на другите работници и ќе предизвика спирален раст на платите.
Според Благица Ласовска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, ова законско решение не е целосно и како што рече ќе предизвика поголем јаз во многу области.
– Многу други работници – вработени во јавниот сектор, со оваа законско решение ќе бидат дискриминирани. Имате шанса да го корегирате оваа законско решение. Стоиме на располагање. Сметаме дека доколку нашето амандманско решение го земате како пример за измена и дополнување на законот за минимална плата, тогаш можеме да зборуваме за фер пристап на државата кон сите вработени во приватен и јавен сектор, рече Ласовска.
Аднан Незири, пратеник на Алијанса за Албанците истакна дека зголемувањето на минималната плата наметнува и повлекува можност за зголемување и на другите плати.
– Наш предлог беше еквивалентно зголемување, како што се зголемува минималната плата да се зголемат и другите плати кај јавните службеници врз основа на коефициентот на сложеност. Зголемувањето по закон без притоа да се засноваме на економскиот раст, не се ефикасни, бидејќи сето тоа може да доведе до други проблеми. Зголемување што само со закон се воведува а не подразбира и усогласување со економскиот раст подразбира сива економија, отпуштање на вработени. Не треба само да ги зголемиме платите, туку и да создаваме и услови за економски раст, рече Незири.
Според пратеникот на ДУИ, Бедри Фазли, зголемувањето на минималната плата е систематско и издржано решение, кое, како што рече, ќе влијае во производството и конкуренцијата.
Стојан Миланов, пратеник на Социјалистичка партија на Македонија посочи дека системот мора да се прилагоди на уставните одредби и да се овозможи усогласување со социјалната сфера. Тој рече дека СПМ предлага донесување на „нов општествен договор“, со кој, како што вели, „ќе се обезбеди реална и праведна распределба на општествениот производ“.
Претходно, на почетокот на расправата, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, образложувајќи го Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, рече дека тој е подготвен во дијалог со работодавците и работниците, и е донесено решение кои го поддржуваат сите, а тоа е минималната плата да биде 18.000 денари.
– Законот ја утврдува минималната плата, која за месец март, заклучно со исплатите за март, треба да биде во висина од 18.000 денари. Државата мисли и на работодавците. Во самиот Предлог закон е предвидено државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите за минималната плата, која во моментов е 15.200 денари, до онаа која ќе се исплаќа од март а која ќе изнесува 18.000 денари. Предвидено е работодавците да се поддржат во периодот од март до декември 2022 година, информира Тренчевска, кој потенцира дека минималната плата е зголемена двојно во однос на онаа од 2016 година, која изнесуваше 10.080 денари.
Таа нагласи дека очекува порастот на минималната плата да влијае позитивно за порастот и на останатите плати, со што, како што рече, ќе се подобри стандардот на граѓаните.