Бројот на активни случаи, заклучно со вчерашниот ковид-извештај, е 5.449, што за една недела е намалување за околу 3.300. Ако на 16 февруари имаше 8.784 активни случаи, вчера беа регистрирани 5.449.
Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 674 случаи на КОВИД-19 од направени 3.156 тестови или 21,3 отсто. Меѓу новозаразените, 98 биле реинфицирани. Во последниот ковид-извештај беа регистрирани и 12 починати лица. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој Термин, дополнително биле пријавени уште девет починати лица за период од 31.01. до 20.02.2022. Од вкупниот број на починати лица (21), кај 20 лица биле регистрирани коморбидитети. Евидентирани беа и 978 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 1.878.073 тестирања. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 295.082, бројот на оздравени пациенти е 280.675, на починати е 8.958 а бројот на активни случаи изнесува 5.449.
Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје 2971, Битола 296, Велес 224, Куманово 222, Кавадарци 208 и Прилеп 201. Во Македонска Каменица има само еден активен случај, а во Дојран ниту еден.
Деновиве се очекува Генералниот координативен кризен штаб и Владата да се произнесат за двете мерки предложени од Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.
Комисијата веќе ги доставила предлозите до министерот за здравство, а потоа тие треба да се проследат до Генералниот координативен кризен штаб и до Владата.
Според Комисијата, укинување на сертификатите за вакцинација сè уште нема да има, оти, како што рече завчера нејзиниот портпарол д-р Злате Мехмедовиќ, „сè уште се наоѓаме во широка трансмисија на вирусот на локално ниво и дека укинувањето на која било од актуелните мерки, вклучувајќи ги и сертификатите, може да доведе до влошување на епидемиолошката состојба и повторно преполнување на болничките капацитети или на амбулантите”.
Тој потенцира дека кај нас опфатот со вакцинација е премногу низок, поточно само 41 процент примиле две дози, за да се размислува во насока да има укинување на некои од мерките кои би спречиле и кои спречуваат трансмисија на вирусот.
Заклучно со 20 февруари во земјава вакцинирани се вкупно 869 763 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 848 573 лица, а со трета доза се вакцинирани 140 455 лица.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, постои тренд на намалување на позитивноста кај сите старосни групи, вклучително и кај децата од шест до 14-годишна возраст, кај кои претходните недели имаше пораст на позитивни случаи.
Според светската ковид-статистика, досега во светот се заразиле над 429 милиони луѓе, починале 5,9 милиони, а оздравеле повеќе од 357 милиони жители.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека веќе трета недела по ред се намалува бројот на заразени и смртни случаи од Ковид-19.
Бројот на нови случаи на заразени со коронавирусот во светот е намален за 21 отсто во изминатата недела, односно трета седмица по ред, соопшти вчера СЗО.
Во својот неделен извештај, СЗО наведе дека минатата недела имало повеќе од 12 милиони новозаразени со Ковид-19. Минатата недела во светот починаа осум отсто помалку луѓе, или околу 67.000, а неделниот број на смртни случаи се намали првпат од почетокот на јануари..
Најголем број новозаразени со коронавирус е регистриран во Русија, Германија, Бразил, САД и Јужна Кореја.
СЗО наведува дека сојот омикрон е убедливо најдоминантниот вид во светот и претставува повеќе од 99 отсто од анализираните случаи. Делта варијантата е единствениот друг вид што се појавува и претставува еден процент од случаите.
Во Албанија од вчера заразените со Ковид-19, наместо две недели, како досега, во изолација ќе остануваат само пет дена, објави министерката за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу.
Но, кај нашиот западен сосед се уште останува во сила полицискиот час, воведен во ноември 2020 година, кој трае од 23 до шест часот.
Човек во Словенија, кој се вакцинираше во името на други луѓе за да добијат ковид-пропусници е осуден на 10 месеци затвор поради измама. Парична казна е изречена за четворица мажи кои му платиле за оваа „услуга”.
Мажот кој наместо други лица, бил шест пати вакциниран, е осуден на затвор. Тој беше откриен на крајот на декември додека се обидувал да ја прими седмата доза и веднаш му беше одредена мерка притвор.
Нарачателите на услугата, исто така се осудени за измама, но тие минаа без затворска казна, при што двајца се казнети со по 2.550 евра, а двајца по 1.360 евра.