Голем дел од граѓаните не се расположени за прифаќање на бугарските барања, особено оние што се однесуваат на јазичните и идентитетските прашања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес, покажува анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ. Во исто време, власта го повтори ставот оти во интерес на земјава е детално да бидат дефинирани прашањата со Бугарија, со цел да нема нови блокади, додека германската амбасадорка Анке Холштајн подвлече дека ЕУ се држи кон она што го кажа во март 2020 година, односно за отпочнување пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
– Нашата цел е сите прашања за кои се разговара со Бугарија да ги ставиме во еден сеопфатен документ, за да нема нови барања по патот и да имаме писмени гаранции кои се наши обврски, а кои бугарски, изјави вчера вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
Според него, од интерес на земјата е детално да бидат дефинирани барањата и да бидат посведочени од ЕУ, за да може да ги имплементираме и кога ќе го завршиме тоа, да се тргне блокадата низ сите фази од преговорите.
Тој смета дека опозицијата треба да престане со барањето за избори и да се фокусира на важните прашања.
– Добро е опозицијата да го поддржи и да се вклучи во процесот, бидејќи што и да договориме со Бугарија ќе треба време за имплементација, тоа не се случува преку ноќ. Опозицијата треба да престане со опсесијата за избори и да се фокусира и изнесе став за важните прашања, порача Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека со Бугарија се разговара за повеќе важни теми и има повеќе барања, но барањето за менувањето на Уставот, вели, е најкомплицирано поради начинот на спроведување за што е потребна поголема поддршка во земјава.
Амбасадорката Холштајн, пак, истакна дека Северна Македонија долго време е подготвена за почеток на преговори. Позитивно, според неа, е тоа што висок процент од граѓаните не гледаат друга иднина, освен иднината во рамките на ЕУ.
– Се согласувам со тоа дека овој регион е дел од Европа и треба под покривот на ЕУ еден ден да станеме уште поблиски и позбиени. Патот кон тоа не е краток. Ниедна земја која што не е доволно подготвена нема да добие никаква корист од членството. Многу работи мора да се направат. Целосен премин на законодавството на земјата во рамките на законодавството на ЕУ, тој комплет на закони и регулативи на ЕУ, не знам колку е голем, но е значителен и постојано расте. И тоа треба да се направи. Значи, треба во многу области да има договори. Земја која што сака да биде членка мора да биде и подготвена да ги издржи и пазарните притисоци на ЕУ, рече Холштајн пред вчерашната презентација на резултатите од „Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2021)“.
Таа смета дека треба да се работи повеќе на политичката едукација, да се објаснува што значи членството и што треба да се направи и оти да се стане членка бара време, а тоа главно ќе зависи од Северна Македонија преку продолжување на реформските процеси и колку побрзо тоа се одвива толку побрзо ќе може да се оствари и процесот на пристапување.
Коментирајќи ги резултатите од истражувањето, Холштајн рече дека е многу корисно да се види развојот на перцепцијата за процесот на пристапување со еден ист метод со текот на годините. Нагласи оти земјите членки на ЕУ сфатиле дека мора да бидат заедно и многу погласно да ја истакнуваат потребата за отворање на пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија.
– Земјите членки исто така согледаа колкава штета е направена кон Северна Македонија кон нејзините реформски процеси, кон процесот на пристапување во регионот, кон репутацијата на ЕУ во регионот и на ЕУ како таква, додаде германската амбасадорка.
Најнов елемент сега, вели Холштајн, е тоа што во Бугарија има премиер кој е активен и искажува посветеност да може да се ослободи патот на Северна Македонија кој пристапување во ЕУ. – Ова значи значителен предизвик, но се чини можен. Ја имавме посетата на бугарскиот премиер во Скопје, потоа меѓувладиниот состанок во Софија, работата на работните групи една широка конструктивна агенда која треба да донесе опипливи резултати за граѓаните и да ги придобие повторно мислите и срцата на луѓето. Има разговори меѓу двете министерства за надворешни работи, тие работат кон оформување на рамката за преговорите за пристапување, има цврсти црвени линии за Бугарија, има исто така и црвени линии и за Македонија, додаде амбасадорката.
Директорот на Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденаур“ во Скопје, Даниел Браун, од своја страна оцени дека решението на спорот меѓу Скопје и Софија може подобро да се постигне во рамки на ЕУ, а инсистирањето на идентитетски прашања во билатерален спор не треба да биде приоритет во моментов.
– Северна Македонија ја покажа својата подготвеност за постигнување договор со нејзините соседи, но тоа не може да се постигне еднострано и е тешко изводливо ако една страна има потврди позиции. Уверен сум дека решението за билатералниот спор може подобро да се постигне во рамки на ЕУ, но денес се соочуваме со нови војни во Европа и тоа треба да биде сигнал за сите демократии дека е подобро да сме обединети во рамки на нашите демократски институции и сојузи. Инсистирањето на идентитетски прашања не треба да биде приоритет во моментов. Договор е можен ако кај двете страни има волја за компромис, вели Браун запрашан за оценка за можностите земјава да ги почне преговорите со ЕУ оваа година пред промоцијата на две аналаизи за евроинтегративниот процес за Северна Македонија.
Претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски во однос на наодите на анализите за евроинтеграцијата на земјава, вели дека тие може да се резимираат во реченицата оти „европскиот сон за земјата се уште сјае, но европската реалност се претвори во лош сон“.
– Кредибилитетот на Европската Унија продолжува да пропаѓа. Тој е неколку години по ред во голем пад. Унијата се помалку станува значајна во личните животи на луѓето, особено кај Македонците. Се зголемува перцепцијата дека Америка е многу повлијателна од Европа и првпат тоа е мнозински став и кај етничките Македонци, што досега беше резервиран за Албанците, вели Трошановски, додавајќи оти исто така е важно и дека перцепцијата за влијанието на Европа како најдобар сојузник на земјата бележи огромен пад.
Во однос на преговорите со Бугарија, како што посочува, очигледна е огромната неподготвеност на нашите граѓани да прават компромиси особено по прашањата на јазикот и историјата, додека за бугарското малцинство како такво, отпорот е голем меѓутоа е поблаг и помал од овие други прашања што исто така кажува дека преговори со Бугарија на тема на јазик и идентитет апсолутно не поминуваат кај јавноста овој пат.
Новата блокада на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не ја промени значително поддршката кај јавноста за членство во ЕУ. Во 2021 година 68 отсто од населението ја поддржува идејата за членство во ЕУ. Една третина од населението смета дека Северна Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ, а во исто време над една третина од населението има доста нереални очекувања дека државава би можела да стане членка на ЕУ во следните пет години.
Ова го покажуваат резултатите од истражувањето за перцепциите за ЕУ, од кое произлегоа два истражувачки труда „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2021)“ и „Од пофалби до разочарувања: 2021 Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“, спроведени од Институтот за демократија со поддршка на Фондација „Конрад Аденауер“.
Во заклучоците од анализата се наведува дека наметнатите бугарски барања за укинување на ветото го одредуваат патот на Северна Македонија кон ЕУ. Резултатите од истражувањето покажуваат дека отстапките не се прифатливи кај две третини или повеќе од оние што одговориле.
Резултатите од истражувањето исто така покажуваат дека голем дел од граѓаните не се расположени за прифаќање на бугарските барања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес.
Две третини или повеќе анкетирани граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да прави отстапки согласно бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71 отсто), условот за јазикот (79 отсто) и положбата на бугарското малцинство во Северна Македонија (65,4 отсто).
Најсилната меѓуетничка врска постои во однос на јазикот. Македонците (86,8 отсто) и Албанците (61,4 отсто) не би поддржале прифаќање на ова бугарско барање, покажува анализата.
Главниот заклучок од анализата покажува дека во време на намален кредибилитет на ЕУ без видливи случувања во процесот на пристапување во ЕУ, граѓаните се чувствуваат дезориентирани од кога било досега. На испитаниците им е се потешко да препознаат потенцијален сојузник на земјата, што укажува на зголемена конфузија меѓу населението, стои во заклучоците на истражувањето.
Значително намалување има и во процентот на испитаници кои се отворено евроскептични, а постои меѓуетнички јаз во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата – Македонците и Албанците. Исклучително висок процент на етнички Албанци – 82 отсто го поддржуваат македонското членство во ЕУ, додека 63 отсто од етничките Македонци ја поддржуваат европската интеграција на државата.
Осумдесет отсто од населението му придава одредена важност на процесот на пристапување во ЕУ. Речиси 40 отсто од испитаниците се убедени дека земјата е подготвена за членство што е одраз на недостигот на информации во врска со процесот на пристапување. Повеќе од една третина од населението смета дека земјата не остварила никаков напредок во процесот на пристапување во споредба со 2020 година, покажува анализата.
Македонците се попесимистично настроени во однос на Албанците околу напредокот во процесот на пристапување во ЕУ во изминатата година. Најголем дел, 43 отсто ги обвинуваат опструкциите од соседните земји кои се членки на ЕУ за немање напредок во пристапниот процес и за тоа зошто земјата не е членка на ЕУ. Повеќе од една третина од населението им дава приоритет на домашните фактори како причина за недостиг на напредок во процесот на пристапување.
Ова укажува и е показател на тоа дека на населението му недостасуваат информации во врска со патоказот и временската рамка на процесот на пристапување.
Очекувањата за подобрување на животниот стандард благодарение на членството во ЕУ и понатаму се најчеста детерминанта на поддршка. Економскиот развој намалувањето на невработеноста, квалитетот на животот и подобрувањето на инфраструктурата се сметаат за клучни области на кои позитивно би влијаело членството во ЕУ.
Идентитетските и вредносните фактори и понатаму се најдоминантни предиктори на евроскептицизмот. Незадоволството поради уставните промени во државата, културолошките закани врз националниот идентитет и губењето на суверенитетот се посочени како важна мотивација за одлуката на испитаниците да не го поддржат македонското членство во ЕУ.
Поддршката за членство во ЕУ кај симпатизерите на СДСМ ги одразува ставовите на партиското раководство и го надминува прагот од 90 отсто, а членството во ЕУ е поддржано и од мнозинството симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, а во исто време и се намалува процентот на евроскептични ставови кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ.
Според резултатите, постои значителна разлика во перцепциите кај поддржувачите на двете политички партии во врска со процесот на пристапување во ЕУ. Вкупно 70 отсто од симпатизерите на СДСМ е дека земјата во изминатата година оствари значителен напредок во евроинтегративните процеси. За разлика од тоа, 60 проценти од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека државата воопшто не напредувала или дека назадувала во текот на 2021 година. Шеесет проценти од симпатизерите на СДСМ се убедени дека земјава е подготвена за членство, додека напротив 70 отсто од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека земјата не е подготвена за членство.
САД се перцепирани како странски фактор со најголемо влијание во Северна Македоија (45,1 отсто). Испитаниците кои одговориле со „не знам“ се рангирани на второто место со 19 проценти.
Перцепираното влијание на ЕУ во Северна Македонија се намали на најниско рангирање во последните две години – од 44,8 отсто во 2019 на 9,5 проценти во 2021 година. Само малкумина Македонци гледаат на ЕУ како на субјект со најголемо влијание (7,8 отсто).
Педесет и три отсто од испитаниците не ја гледаат Евроазиската Унија како алтернатива на ЕУ.
Истражувањето од 2021 година беше спроведено преку телефонски интервјуа во текот на ноември, преку национален репрезентативен примерок од илјада испитаници, со маргинална грешка од плус/минус 3,1. Анализата на јавното мислење за македонскиот процес за македонскиот процес на пристапување во ЕУ спорведена во 2020, се надоврза на истражувањата спроведени во 2014, 2016, 2017, 2018, 2019 и 2020 година. Таа го користи истиот тероретско-аналитички модел на утврдување на детерминантите на поддршка на членството на Македонија во ЕУ, а истовремено своите емпириски наоди ги споредува со наодите од истражувањата од претходните истражувања.