Европската комисија синоќа го претстави инвестицискиот пакет од 3,2 милијарди евра за поддршка на 21 проект за поврзување во транспортниот, дигиталниот, климатскиот и енергетскиот сектор во Западен Балкан.
Тоа е прв пакет проекти во рамки на амбициозниот Економски и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан усвоен од Комисијата во октомври 2020 година. Тие проекти треба да донесат опипливи придобивки за сите шест партнери во регионот.
Пакетот вклучува 1,1 милијарди грантови од ЕУ од Инструментот за претпристапна помош 2021-2027 година (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од членките на ЕУ и Норвешка и поволни заеми од меѓународни финансиски институции. Најавениот пакет ќе биде насочен преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, соопштија од Комисијата.