Безбедносната состојба во земјава е стабилна и во моментот не постои директна закана. На највисоко ниво е подигнато нивото на заштита, а се очекува засилување на опасноста од кибер напади по нападот на Русија врз Украина
Но, предизвикот кој стои пред земјава е повеќе од економска природа, која е од глобални размери. Од Владата уверуваат дека се подготвени и дека ќе одговорат соодветно со цел да се намали притисокот врз граѓаните, домаќинствата и стопанството, анализира Плусинфо
Ќе има поскапувања во целиот свет, но не се знае колкави
Премиерот Ковачевски во своето обраќање до јавноста вчера предупреди дека нè чека неизвесна година, но вети дека Владата ќе интервенира со цел да се заштити домашната економија и финансиската состојба на граѓаните.
– Би сакал да ве уверам дека Владата одблиску ги следи промените во светските економски текови и како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните. Досега, преку правилно поставената стратегија во оваа исклучително кризна година, ние како Влада инсистиравме и овозможивме сите ресурси и енергија да се насочат кон справувањето со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму – истакна Ковачевски.
Она што се очекува како ефект од руско-украинската криза врз македонската економија е глобалното влијание од покачувањето на цените на основните прехранбени производи и енергенсите.
Ефект на снежни топки во економијата
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, тешко е во овој момент да се зборува за исходот на оваа криза врз глобалната економија.
Исходот, вели Бесими, ќе зависи од тоа како ќе се одвива инвазијата и колку ќе трае, какви западни санкции ќе се воведат и дали Русија би реагирала со реципроцитет.
– Како што видовме и со пандемијата, помалите прекини во еден регион можат да генерираат поголеми прекини глобално. Недостигот или порастот на цените на некои од стоките кои ги извезуваат овие земји, може да имаат ефект на снежни топки, особено бидејќи економијата е сè уште кревка од ударот на пандемијата. Имено, синџирите на добавување се сè уште затегнати, понудата прави ценовни притисоци, а Федералните резерви на САД и Европската централна банка претходно најавија затегање на монетарната политика поради високата инфлација.
Дополнително, политичката несигурност и нестабилност ѝ тежат на економската активност, вели Бесими во неговата најнова колумна.
Целиот текст ОВДЕ