Најмалку осум лица загинаа во поплавите што зафатија делови од Бризбејн, третиот најнаселен град во Австралија.
Поплавите во и околу Бризбејн се најлошите од 2011 година кога градот со 2,6 милиони жители беше погоден од поплава опишана како настан што се случува еднаш во векот.
Во поплавата денеска загина 50-годишен маж кој се удавил додека возел автомобил јужно од Бризбејн, соопшти полицијата во Квинсленд.
Телата на мажот и неговото куче биле извлечени неколку часа откако водата го одвлекла автомобилот од патот, се вели во полициското соопштение.
Службата за итни случаи предупреди дека поплавите кои загрозуваат животи погодија делови од Златниот Брег. Екипите на служба извршиле повеќе од 130 спасувачки операции за 24 часа, соопштија официјални лица.
Сите осум жртви загинаа во државата Квинсленд, чиј главен град е Бризбејн. Потрагата продолжува по маж на 70-годишна возраст, кој во саботата паднал од својот чамец во реката Бризбејн, во близина на центарот на градот.
Полицијата трага и по две лица кои исчезнале во западните и северозападните делови на Бризбејн.
Јужно од границата со Квинсленд, во тек е потрага по човек кој вчера барал помош во градот Лизмор во Нов Јужен Велс.