Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се изразува најдлабоко жалење за руската агресија врз Украина и се бара Русија веднаш да престане да се заканува и да користи сила против Украина и итно, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од меѓународно признатата територија на Украина.

Резолуцијата беше усвоена со 141 глас „за“, пет „против“ и 35 воздржани.

Усвоената резолуција ја потврдува посветеноста на Украина за суверенитет, независност, единство и територијален интегритет во нејзините меѓународно признати граници.

Се изразува и жалење за одлуката на Русија во врска со статусот на украинските региони Доњецк и Луганск, со барање Москва веднаш и безусловно да ја поништи таа одлука.

Се повикува на итно мирно решавање на конфликтот преку политички дијалог, преговори, посредување и други мирни средства, како и почитување на договорот од Минск.

Во неа се нагласува жалење заради вмешаноста на Белорусија во нелегалната употреба на сила против Украина и го повикува Минск да се придржува до своите меѓународни обврски.