Пациентите со онколошки заболувања кои се лекуваат на ЈЗУ Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, во моментов се соочуваат со недостаток на биолошка терапија која е неопходна за нивно лекување, третман и подобрување на здравствената состојба.
Млада пациентка со рак на дојка која инсистираше да остане анонимна, за нашата редакција потенцираше дека лековите за пациентите мора да бидат навремени и достапни за секого и ниту еден пациент не смее да се доведе во ситуација да нема можност за лекување или пак да му биде терапијата прекината без медицинска причина.
„Биолошката терапија со начинот на дејствување заболувањето го третира како хронично и затоа пред сè мора да биде редовна и навремена. Кај оваа терапија нема замена или одлагање. Оваа терапија за нас значи живот, ние не смееме да бидеме без терапија и без лек. Секој месец, секој циклус кога треба да ја примаме терапијата живееме во страв дали ќе ја има, дали ќе биде достапна за нас. Евидентно е дека бројот на заболени се зголемува а лековите се истите. Другите земји од нашето соседство постојано ја зголемуваат достапноста на иновативната терапија и биолошките лекови се дел од позитивната листа, а ние каскаме во место со овие промени. Биолошките лекови треба да бидат побројни, подостапни, иако се скапи, животот нема цена“, вели младата пациентка.
На Клиниката за онкологија и радиотерапија, во 2019 годи за првпат за пациентите со онколошки заболувања станаа достапни 30 нови биолошки лекови кои се веќе стандарден третман во европските земји. Со централизирана набавка се обезбедени овие молекули скапа биолошка терапија со која се третираат повеќе видови рак, како рак на дојка, рак на бели дробови, метастатски меланом, колоректален карцином, гинеколошки малигнитети, карцином на бубрег и други.
„Со тоа што оваа терапија ние болните од канцер ја примаме во континуитет често пати и многу долго време, односно се додека го лекуваме ракот, бројот на пациенти кои имаат потреба од оваа терапија се зголемува со секој нов случај и со ново дијагностицирани пациенти, од месец во месец, од година во година, додека пак остануваат и претходните пациенти. Затоа се повеќе и се почести се примерите за недостаток на терапија, што укажуваат на тоа дека моментално достапната терапија не е доволна и дека е неопходно итно ревидирање и дополнување на позитивната листа токму со биолошката терапија“, вели пациентка со канцер на дојка.
Биолошката терапија претставува иновативен и современ пристап во лекувањето на канцерот. Обично се прима преку инјекција или инфузија и делува на различен начин, или ги стопира или контролира процесите кои овозможуваат раст на канцерот, додека пак други видови ги обележуваат туморските клетки правејќи ги препознатливи за имуниот систем кој потоа ги уништува. Главната цел на оваа терапија е трајно излекување на пациентот од малигното заболување или доколку тоа не е можно, тогаш е целта стопирање на болеста, задржување на квалитетот и продолжување на животот на пациентите.