Евакуацијата на цивилите од Мариупол е одложена, соопшти градскиот совет.

Според него, руската страна не го почитувала привремениот прекин на огнот.

-Русите продолжуваат да не бомбардираат, користат артилерија. Ова е лудило, изјави заменик градоначалникот Сергеј Орлов.

„Нема прекин на огнот во Мариупол и нема прекин на огнот долж рутата за евакуација. Нашите цивили се подготвени да бегаат, но не можат да излезат додека продолжува гранатирањето“, кажа Орлов.

Во соопштението на градската управа се наведува дека жителите треба да се разотидат и да најдат засолниште, а наскоро ќе добијат и повеќе нови информации.

Градоначалникот на Мариупол претходно за Би-Би-Си изјави дека во тек е гранатирањето на градот и дека на секои три минути паѓа по една граната.