На вториот ден од официјалната посета на Косово, претседателот на Собранието Талат Џафери оствари средба со претседателката на Република Косово Вјоса Османи Садриу, на која соговорниците најостро ја осудија воена агресија на Руската Федерација врз Украина и ја нагласија потребата од координација за сите можни негативни ефекти во регионот, како и обединувањето на силите и гласот на подршка со западните пратнери.
Џафери на средбата беше придружуван од пратениците Бејџан Илјаз, Бети Стаменкоска Трајкоска и Изет Меџити, членови на пратеничката група за соработка со Парламентот на Косово.
На средбата, како што соопштија од Собрание, биле реафирмирани исклучително добрите билатерални односи меѓу Северна Македонија и Косово, како и подготвеноста на двете страни за натамошно градење на блиско и трајно пријателство и соработка.
Претседателот на Собранието се заложил за продлабочување на меѓусебната поддршка, консултации и размена на искуства за натамошен прогрес во реализирањето на стратешките цели на двете земји.
Нагласувајќи дека Република Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и меѓу главните извозни пазари за нашата економија, Џафери истакнал дека економската соработка е дополнителен поттик за натамошно унапредување на билатералните односи.
– Во наредниот период фокусот треба да биде ставен на инфраструктурното поврзување во делот на транспортот и енергетиката, како и продлабочувањето на соработката во други области во интерес на граѓаните од двете земји, истакна претседателот на Собранието.
Џафери ја повторил поддршката на Северна Македонија за евро-атлантските аспирации на Косово и нашата подготвеност за давање придонес во таа насока, како земја-членка на НАТО и земја-кандидат за членство во ЕУ.
– Република Северна Македонија, исто така, ќе продолжи со поддршката за пристапување на Република Косово кон меѓународните организации и регионалните иницијативи, додаде Џафери.
Османи Садриу, се осврнала на важноста од континуираната соработка меѓу двете земји и поинтензивната динамика на контактите и дијалогот.
Таа ја изразила закриженоста за можните импликации на развојот на настаните во Украина врз безбедносната состојба во земјата и регионот, нагласувајќи дека членството на Косово во НАТО е итна потреба за гарантирање на безбедноста и стабилноста на регионот и пошироко.
Таа, исто така порачала дека граѓаните на Косово се посветени на зачленувањето во ЕУ и во таа насока оценила дека иницијавата „Отворен Балкан“ не е во прилог на таа цел.
Османи Садриу ја нагласила незаменливата улога на парламентите во донесувањето на одлуки и пренесувањето на пораки, особено во поглед на актуелните настани.
Таа истакнала дека Косово, на сите форуми на кои што учествува, постојано ја повторува својата поддршка за започнувањето на преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија.
– На покана од претседателот на Собранието на Република Косово Глаук Коњуфца, претседателот на Собранието Талат Џафери учествуваше на активностите по повод чествувањето на 24. годишнината од Епопејата на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Тој присуствуваше на Свечената седница на Собранието на Република Косово и на парадата на припадниците на Безбедносните сили на Косово и положи венец со цвеќе на гробот на основачот на ОВК, Адем Јашари, во Меморијалниот центар во Преказ, информираа од Собрание.