Руската полиција денеска приведе најмалку 2.034 лица на антивоените протести во повеќе градови во Русија, објави ОВД-Инфо.

Снимките на социјалните мрежи покажуваат стотици луѓе кои маршираат низ Москва извикувајќи „Не на војната!“ и “Срамота!”

Групата за мониторинг на протестите ОВД-Инфо денеска информира дека апсењата се во многу градови во Русија, вклучително и пристанишниот град Владивосток во Пацификот и сибирскиот град Иркутск. Опозициските активисти објавија видеа на кои се гледаат протести во други градови.

Критичарот на Кремљ Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор, претходно повика на протести во недела во Русија и остатокот од светот против инвазијата врз Украина.

– Поради Путин, Русија сега значи војна за многу луѓе, рече Навални во петокот. – Тоа не е точно: Путин, а не Русија ја нападна Украина.

.Околу 2.000 луѓе учествуваа на антивоените протести во најголемиот град во Казахстан, Алмати, според видеото на социјалните мрежи. Насобраните со украински знамиња извикуваа „НЕ за војна“ и „Путин е идиот“.

Активистите ставија сини и жолти балони во рацете на статуата на Ленин на малиот плоштад каде што се одржуваше протестот.

Руското Министерство за внатрешни работи вчера предупреди дека секој неовластен протест ќе биде спречен и дека организаторите на протестот ќе бидат повикани на одговорност.

И додека се зголемува бројот на Руси на антивоените протести, сепак, анкетите покажуваат дека голем дел од нив ја оправдуваат, како што ја нерекува Путин „специјалната воена операција“ во Украина.

Според објавените податоци, огромното мнозинство Руси и веруваат на руската армија (84 отсто). Всушност, само секој десетти (10 проценти) не и верува. Дури 70 отсто од анкетираните руски граѓани веруваат дека „воената операција“ за руските војници е поверојатно да биде успешна, 14 проценти сметаат дека ќе биде прилично неуспешно, додека 16 отсто од испитаниците велат дека е тешко да се процени. Западните медиуми посочуваат дека анкетата е спроведена од страна на Серускиот центар за истражување на јавното мислење (ВТСИОМ), кој е државна институција, па можно е објавените податоци да се дел од руската воена пропаганда.

Истражувањето покажа дека 71 процент од Русите ја поддржуваат одлуката да се спроведе „специјална воена операција“ во Украина. Секој петти човек не поддржува воена акција (21 отсто), а 8 проценти не се сигурни.

Според 46 отсто од Русите, „специјалната воена операција“ во Украина има за цел да ја заштити Русија и да го спречи распоредувањето на воените бази на НАТО на територијата на Украина. Секој петти верува дека операцијата се спроведува за промена на политичкиот курс на Украина (19 отсто), додека 18 проценти одговориле дека нејзината цел е да го заштити населението што зборува руски во сепаратистичките региони. Само пет проценти од испитаниците сметаат дека целта е окупација на Украина и нејзино припојување кон Русија.

Што се однесува до рејтингот на Путин, анкетата на ВТСИОМ покажа дека во седмицата до 27 февруари, поддршката за него се зголеми за шест процентни поени, или вкупно 70 отсто. Според анкетата на ФОМ, спроведена од Кремљ, рејтингот на Путин се зголеми за седум процентни поени на 71 отсто во истата недела.