Американскиот државен секретар Антони Блинкен во вторник ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон додека светските лидери ќе се соберат во обид да ја запрат руската инвазија на Украина, објави денеска Стејт департментот.

Емануел Макрон треба да го прими шефот на американската дипломатија во вторник околу 18:00 часот (17:00 часот по Гринич), изјави портпаролот, пренесува дописникот на МИА.

Францускиот претседател денеска повторно разговараше 1 час и 45 минути со Владимир Путин. Шефот на француската држава веќе имаше неколку телефонски разговори со рускиот колега од почетокот на офанзивата на Москва против Украина на 24 февруари, додека Антони Блинкен денеска беше во Молдавија, ден по разговорот со неговиот украински колега Дмитро Кулеба, на границата меѓу Полска и Украина.

За време на телефонскиот разговор со Макрон, Путин ги обвини украинските власти за фрустрирачки операции за хуманитарна евакуација од Мариупол, големо пристаниште во југоисточна Украина опкружено со руски сили.