Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски во интервју за европската телевизиска мрежа „Еуроњуз“ говори за актуелни прашања, за одржувањето на економската стабилност во земјата и за напредокот и за стратегијата на Владата за полноправно членство во ЕУ, истакнувајќи ја новата енергија во дијалогот со Бугарија, која ќе помогне за совладување на предизвиците и започнување на преговорите со Европската Унија.
– Борбата против криминалот и корупцијата даде резултати со подобрување на нашата позиција во извештаите на Транспаренси интернешнл, сега станавме земја во која има демократски услови, додека во минатото имаше недостатоци во демократските процедури во земјава, и сме мошне среќни поради ова подобрување, вели премиерот Ковачевски за „Еуроњуз“.
Тој во интервјуто додава дека макрофинансиската помош на Европската Унија помогна многу, не само од перспектива на чиста финансиска помош, туку и од аспект на продолжување со реформите коишто ги започнавме во областа на управувањето со јавните финансии и во другите области.
– Ова, исто така даде јасен сигнал до другите меѓународни финансиски институции и донатори со кои соработуваме, дека имаме стабилна економска политика во време на кризи, оцени премиерот Ковачевски.
Како што соопштија од владиниот Сектор за односи со јавноста, тој се осврнал и на обезбедената редовна координација со институциите на ЕУ во насока на зајакнување на јавните институции со цел соодветно остварување на потребните реформи.
Премиерот Ковачевски за „Евроњуз“ повтори дека Македонија има јасна стратешка цел да стане полноправна членка на евроатлантските асоцијации. Тој ги истакна придобивките од членството во НАТО како 30-та земја членка, и додаде дека новиот дијалог со неговиот бугарски колега Кирил Петков е со цел да се врати довербата меѓу двете земји за да се поттикне остварувањето на аспирацијата на земјата за членство во Европската Унија.