Собранието на Република Македонија соопшти дека пристигнале измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за акцизи што денеска ги испрати Владата.

Како што велат од собраниската прес-служба, се уште нема информација за свикување седница за овие закони. Моментно, претседателот на Собранието, Талат Џафери е на пленарна седница.

Владата попладнево ги испрати измените и дополнувањата до Парламентот. Како што наведе во дописот, овие предлог-решенија треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.

Во Собранието е во тек продолжението на 50-тата седница на која се расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија, во прво читање.