Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера изјави дека одговорност на Алијансата е конфликтот од Украина да не се прелее во други земји.
– Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО, рече Столтенберг во видео обраќањето до полските пратеници и сенатори на свечената седница на двата дома во Варшава на годишнината од членството во НАТО на 12 март 1999 година.
Полскиот парламент вчера усвои декларација за поддршка на политиката на отворени врати на НАТО и правото на секоја суверена земја да одлучува за својата иднина, отфрлајќи ги обидите за повторно создавање сфери на влијание во Европа, како што предлага рускиот претседател Владимир Путин преку некоја нова Јалта, пренесува Бета.
Полскиот претседател Анджеј Дуда го повика светот да ја запре Русија и да спречи Киев и другите украински градови да ја доживеат судбината на Варшава, која беше речиси целосно уништена од нацистите на крајот на Втората светска војна.
– Украина ја брани демократијата, слободата и чесниот свет. Путин, предизвикувајќи ја оваа војна, се повика на наследството на Советскиот Сојуз. Она што Русија го прави во Украина покажува дека таа сè уште е империја на злото, дека никогаш не заминала во историјата и сега го покажува своето најлошо лице, рече полскиот претседател.
Анджеј Дуда потсети на зборовите на поранешниот советник за национална безбедност на американските претседатели, Збигњев Бжежински, дека Русија престанува да биде империја без подредена на неа Украина.
– „Русија може да биде или империја или демократија, но не може да биде и двете, рече Бжежински. „Гледаме што избра Русија и гледаме што избра и што брани Украина. Путин сака да воспостави нов светски поредок напаѓајќи ја Украина. Сака да го сврти текот на историјата, оцени Дуда.
Полскиот претседател ја обвини Русија дека нејзините напади врз украинските градови, цивилни населби, училишта и болници носат карактеристики на кривично дело – геноцид.
– Мораме да направиме сè за да одговораат за тоа пред меѓународните судови, рече Дуда, нагласувајќи дека денес слободниот свет го има ликот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во своето видео обраќање предупреди дека Украинците се борат не само за себе, туку и за иднината на Полска и балтичките републики, за да не им се случи и ним Русија да ги нападне.
– На 24 февруари на Украина и се случи таа страшна работа за која во Грузија во 2008 година зборуваше полскиот претседател Лех Качински. Сега се бориме да не им се случи истото на балтичките земји и Полска. Полски браќа и сестри, чувствувам дека изградивме необичен сојуз. Можеби е неформален, но доаѓа од топлината на нашите срца, а не од зборовите на политичарите. Убеден сум дека заедно ќе ја браниме слободата. Се додека тоа е потребно, рече Зеленски, поздравен со овации.
Во декларацијата што ја усвоија денеска полските пратеници и сенатори, во пресрет на годишнината од пристапувањето на Полска во НАТО, се обвинува рускиот режим дека ја нападнал Украина кршејќи ги законите и меѓународните обврски и предизвикувајќи политичка, економска и хуманитарна криза без преседан од крајот на Втората светска војна.